СО НОВА ХИРУРШКА САЛА ЗАЈАКНАТИ ОПЕРАТИВНИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА КЛИНИКА ЗА ОРТОПЕДИЈА


Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева денеска присуствуваа на пуштањето во употреба на реновирана хируршка сала на Универзитетската клиника за ортопедски болести.

Премиерот Ковачевски, во изјава за медиумите истакна дека реформите и инвестициите во здравството се еден од најголемите приоритети на Владата.


-Реновираната операциона сала, е дел од капиталните инвестиции во јавно здравствените установи, кои Владата на Република Северна Македонија, ги реализира континуирано во изминативе 6 години. Ова е показател за нашата цврста определба за градење на одржлив и ефикасен здравствен систем кој ќе им биде силна и сигурна  потпора на граѓаните, рече Ковачевски.

Министерот Меџити потенцираше дека станува збор за целосно реновирање на првата операциона сала со помошни простории (соба за одмор и соба за премедикации околу 150 квадратни метри). Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 15 милиони денари, обезбедени од Фондот за здравство и со средства од донации.


-На Клиниката за ортопедски болести годишно се изведуваат 1600 операции, а сега со новата реновирана операциона сала бројката ќе се зголеми и ќе стигне и до 2000 оперативни зафати на годишно ниво. Оваа сала не беше во употреба од 2017 година и со нејзиното реновирање сериозно ги зајакнуваме капацитетите на установата, изјави Меџити.

Медицинскиот директор на Клиниката за ортопедски болести Александар Трајановски посочи дека сѐ што се работи во здравството е во интерес на пациентот да добие подобра здравствена нега и здравствена услуга. Тој упати благодарност до сите чинители за целокупната помош на сите вработени кои деноноќно работат во установата спасувајќи животи.

Организацискиот директор Арсим Азири упати благодарност до премиерот, Фондот за здравствено осигурување и министерот и најави дека следниот период инвестициите продолжуваат со Клиниката за трауматологија.

Сподели на:

Related Posts