На денешната собраниска седница е изгласан и донесен Законот за прекинување бременост, со кој се овозможува жената да го оствари правото за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери, кои го одолжуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.
Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена, се заснова на дадена согласност свесно, без принуда од било кого и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение.
Со овој закон првпат се воведува можност за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита.
Новиот закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.
Прекинот на бременоста може да се изврши по барање и со писмена согласност од бремената жена и по истекот на дванаесеттата гестациска недела, во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Прекинувањето на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од бремената жена односно од родителот, односно старателот ако бремената жена е малолетна или е лишена од деловна способност може да се изврши при што пред прекинување на бременоста докторот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.
По дваесет и втората гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија има право на приговор до второстепената комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.
Со донесувањето на овој Закон, на жените им се овозможуваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената, со цел да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност, а воедно се укинуваат административните бариери, односно чекање од три дена по советувањето. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе!