Д-р Маја Кирјас

ТВОЈ ДОКТОР – д-р Маја Кирјас, оториноларинголошки хирург, Универзитетска клиника за уво, нос и грло

Од млади години секогаш се восхитував на луѓето и здравствените работници, кои им помагаа на семејството, соседите и пријателите кога не се чувствуваа добро, односно им нудеа заштита на тие што најмногу ми значеа во животот.
Не размислував каква титула сакам да имам, туку знаев дека сакам да откријам што ги мачи луѓето, да ја осознаам причината за нивната болка и да бидам таа која ќе им го врати здравјето и насмевката.
Немаше во моето семејство никој кој ќе ги заштитува од заболувања и ќе нуди сесрдна помош. Од домашната библиотека во еден здив ја прочитав книгата “Народен лекар”, совладувајки го првичниот страв дека морам самата да се осигурам дека моето здравје и сила ќе бидат гаранција дека ќе можам да им бидам поддршка и на другите.
Кога родителите решија да ми ја остварат желбата и да ми ја купат целата Медицинска Енциклопедија, мојата одлука беше конечна – сакав да ја имам најблагородната и најхуманата професија, којашто можам да ја замислам – професија која секој ден спасува животи и која со секој мал напредок во науката и технологијата дава животна надеж на огромен број луѓе.
Денот кога ја положив Хипократовата заклетва го помнам како ден кој ми дава постојано енергија во секој обид грчот на лицето на пациентот да го претворам во насмевка.

Сподели на: