Д-р Игор Исјановски

ТВОЈ ДОКТОР: Д-р Игор Исјановски, специјалист офталмолог од Клиника за очни болести

Мојата одлука да станам лекар во голема мера беше водена од вредностите што ги всади во мене мојата вера и моето семејство. Колку и тоа да звучи тешко, одговорно и колку и другите да ми велеа и ме предомислуваа дека тоа е професија која бара многу посветеност, труд и пожртвуваност,од мали нозе во мене тлееше желбата да станам лекар.
Мојата желба стана реалност благодарение на вербата во себе, долготрајните непреспиени ноќи над книга, како и големата поддршка од моето семејство.
Кога одлучив да бидам доктор, немав навистина разбрано што значело тоа. Никогаш не би ги предвидел неверојатните чувства, кои за првпат ги почувствував кога директно влијаев врз нечиј живот за подобро, ниту длабоките падови и болката длабоко што се јавува во мене кога пациентот не напредува кон подобро.
Секој ден е подарок да имате можност да се грижите за пациентите во нивните најранливи времиња. И покрај стресот, долгите часови на отсуство од дома и од семејството, никогаш не би можел да замислам да работам друга професија.
Работам на одделот за детска офталмологија и во кабинетот за РОП за предвреме родени бебиња, што е уште поголема одговорност, предизвик, а би рекол и привилегија, бидејќи нивната задоволна насмевка е најискрена и најблагодарна.
Нема поубаво чуство кога ќе му ја подобрам или вратам видната острина на некое дете, исто како да сум му го подарил целиот свет.
Токму ова чуство ме води низ професијата која ја доживувам како начин на живот, а не како работа.
Исто така, голема сатисфакција за мене претставува и едуцирањето на идните лекари како што мене ме едуцираа моите професори и асистенти. Имав среќа да имам добри учители т.е. професори, кои во текот на тие години на едукација не само што ме научија на уметноста и вештините на медицината, туку нешто уште поважно, а тоа е како да бидам доктор. Им се заблагодарувам за тоа.
Станав лекар затоа што сакав да направам разлика во животот на луѓето.
Два збора: професионализам, пожртвуваност.

Сподели на: