Мерките кои ги спроведе Владата на Република македонијаи Министерство за здравство во делот на намалување на смртност кај новороденчињата даваат одлични резултати. Во периодот од 01.01 до 31.06.2018 година е евидентиран пад од 6,7% на смртноста кај новороденчињата, во однос на претходната година истиот период.
Статистиката вели дека годинава во првите шест месеци имаме 57 починати новороденчиња, од кои 61,4% се работи за возраст на починатите новородени од 22ра до 28. гестациска недела. Тоа се незрели новородени под 28 гестациска недела, од кои пак, половина од нив се под 25. гестациска недела, што секаде во светот се новородени на граница на живот и смрт. Над 37. гестациска недела има само три починати бебиња, од кои две беа со тешки вродени аномалии на повеќе органи и органски системи.
Трендот на намалување на смртноста кај новороденчињата се должи на неколку фактори:
1. Обновување и осовременување на апаратурата за работа, благодарејќи на донацијата од Владата на Република Македонија, која обезбеди 16 најсовремени инкубатори. Во моментов е во тек и тендери за набавка на нова апаратура.
2.Со поддршка од Министерството за здравство кадровски е зајакнат одделот и доекипиран. Веќе почнаа со работа нововработените сестри и лекари, кои позитивно влијаат врз квалитетот на работата на одделот. Дополнително, целиот оддел е реорганизиран, со цел да обезбеди поголема ефикасност во работата.
3.Имплементирани нови протоколи за работа, а засилено е и придружувањето кон нив, при што акцент е ставен на помалку инвазивен пристап секаде каде што тоа е можно, согласно светските трендови.
4.Препораките кои произлегуваат од Комитетот за безбедно мајчинство и нивното имплементирање, обуките за ефективна перинатална заштита, како и подобрените услови за работа придонесуваат за намалување на новороденечката и мајчината смртност, а со тоа и подигнување на услугите и квалитетот на здравствена заштита.
5.Во моментов се работи на организирање дополнителни обуки и едукации на лекарите. Кон крајот на јули ќе бидат организирани неколку обуки и практични курсеви во Клиника за гинекологија и акушерство од експерти од Универзитетска болница „Мајчин дом”, Софија, Бугарија за педијатри, неонатолози и гинеколози.
Сите досега спроведени обуки и претстојните едукации, воведените најнови протоколи и стандарди врзани за грижа за новороденчиња, подобрените услови за работа и зајакнати тимови, како и зајакнување во делот на опрема, вродува со плод.
Овој успех на намалување на процентот на морталитетот кај новороденчињата е огромен поттик за нас како Министерство за здравство да работиме заеднички и во соработка со граѓанскиот сектор и сите релевантни институции да дадеме се од себе да продолжиме и понатаму со намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките.