ТРИБИНА „ИНВЕСТИРАМЕ ВО МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ, ИДНИНАТА НА ЗДРАВСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА“

Министерството за здравство денеска организираше трибина на тема „Инвестираме во младите лекари, иднината на здравството во Македонија“, чија цел беше да се слушнат ставовите на специјализантите и да се спречи се поголемиот одлив на лекари надвор од Македонија, но и на друг медицински персонал.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, д-р Венко Филипче на трибината ги посочија напорите на Владата и Министерството во насока на задржување на овие кадри во Македонија, а воедно слушнаа и низа ставови и сугестии од присутните специјализанти.

Претседателот најави насочување на сериозни алокации на ресурси кон здравството, а до 2020 година платата на специјалистите во Македонија треба да биде 100.000 денари. Веќе се зголемени средствата за дежурствата на медицинските лица.  

– Владата донесе Предлог-програма за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализантите односно субспецијализациите на здравствените работници вработени во приватните здравствени установи за 2019 година. Од 2017 до 2020 година со низа мерки Владата гарантира дека создаде достапен, квалитетен и долгорочно финансиски одржлив систем за здравствена заштита. Од овој месец плата ќе земаат и оние кои се пријавиле на конкурсот во јануари оваа година. Дополнително за да го зголемиме бројот на специјалисти во државното здравство ќе воведеме специјализации за најдобрите десет студенти, во секоја генерација и ќе се зголемат квотите за специјализации. Предност ќе имаат дефицитарните специјализации, истакна Претседателот на Владата.  

Министерот Филипче посочи дека конкурсот за нови специјализации ќе биде во септемри, а за помал дел во јуни. Потенцира дека се прават напори за поврзување со наши лекари кои работат во странство за да се создаде можност нивната експертиза да се пренесе на лекари кои работат во земјата.

Воедно, министерот најави состанок со менторите и професорите на специјализантите за да се поттикне нивна поквалитетна едукација.

Сподели на:

Related Posts