Почитувани граѓани,
Поминавме исклучително тешка година. Секој од нас носи своја жртва и свое бреме. Семејствата кои загубија близок, оние кои ја добија битката со вирусот, здравствените работници кои не подклекнаа под притисокот и продолжија неуморно да се борат за секој човечки живот, граѓаните, компаниите.
Оваа година, колку и да сакаме, не можеме да ја заборавиме. И не треба. Се соочивме со нешто што целосно ни ги измени животите и нé исправи пред предизвикот да научиме дека можеме да живееме поинаку, да сакаме поинаку, да се грижиме повеќе, да бидеме солидарни и сплотени повеќе oд кога било, во една единствена цел- победа на вирусот. Сепак, да не заборавиме, оваа година имаше и убави нешта. Ја направивме првата трансплантација на срце во историјата на нашата земја, на свет дојдоа близу 20,000 новореденчиња. Овозможивме лекарска грижа и терапија за сите пациенти, нови лекови за пациенти со ретки болести, обновивме оддели и установи. Го почнавме процесот за енергетска ефикасност на здравствените објекти, поставуваме монтажни болници и уште низа други.
Но, Ковид-19 беше и останува наш најголем предизвик.
Изодевме долг пат. Чекоревме брзо, зошто време за чекање немаше. Некои одлуки мораше да се донесат сега и веднаш. Сепак, ниту еден здравствен систем никогаш не се соочил, ниту пак бил подготвен да се справи со пандемија од вакви размери. Но ако во нешто сум сигурен, тоа е дека сите одлуки во борбата со вирусот ги носевме водени од заштитата на здравјето на граѓаните, како врвен приоритет.
Влегуваме во новата година посилни и помудри, со верба дека оваа 2021 година ќе биде многу подобра од претходната. Со вакцината која влева надеж за целото човештво, секој ден сме чекор поблиску да ставиме крај на пандемијата. Вакцината е најсилното оружје во борбата со вирусот и таа сигурно ќе ја промени сликата.
Но, сé уште е рано да го спуштиме гардот. И натаму мораме да останеме претпазливи и да продолжиме да ги почитуваме мерките. Веројатно ќе помине уште некое време додека да им се вратиме на животите онакви какви што беа пред Ковид-19.
Во новата година не очекуваат нови предизвици. Иако некои од проектите кои ги планираме запреа заради пандемијата, произлегоа низа други кои на долг рок ќе се покажат како значаен влог во нашето јавно здравство. Реформите во здравството треба да продолжат. Но мора да останеме совесни и одговорни за да го отвориме патот на новите проекти. И јас искрено верувам дека сите заедно ќе се заложиме за тоа.
Почитувани граѓани,
Ако нешто нé научи оваа 2020 година, тоа е дека здравјето, семејството и најблиските се највисоките животни приоритети. Затоа, оваа година да прославиме поинаку. Да останеме дома и да ги оставиме големите прослави за некои други, посигурни времиња. Така, секој од нас ќе даде свој придонес во борбата, секоја следна година да ни биде поубава од оваа.
Во новата 2021, посакувам здравје и спокој за сите, многу повеќе среќни моменти и успех на сите полиња.
Чувајте се, имајте убави празници и празнувајте одговорно!
Линк до видео обраќање: https://youtu.be/MYBknBmYV34