ВО КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ И СЕГА И ПОНАТАМУ ЌЕ СЕ ИЗВРШУВААТ КАРДИОХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ НА ДЕЦАТА, КОИ СЕ НА ТОВАР НА ФОНДОТ СО ЕКСПЕРТИЗА ОД НАШИ ДОКТОРИ И ДОКТОРИ ОД РЕПУБЛИКА СРБИЈА

Во врска со јавно изнесените информации во повеќе медиуми, Министерството за здравство информира дека досега до нас нема најава за оставки на доктори, но и доколку одредени доктори по сопствена иницијатива сакаат да ја напуштат Клиниката „Жан Митрев“, тоа не значи престанок на спојувањето на експертизите во државно и приватно здравство за унaпредување на квалитетот на здравствената заштита за деца со најтешки срцеви болести. Во Клиниката „Жан Митрев“ и сега и понатаму ќе се извршуваат кардиохируршките операции на децата, кои се на товар на Фондот со експертиза од наши доктори и доктори од Република Србија.

Конкретно, сите пациенти кои имаат потреба и понатаму ќе ја добиваат неопходната и квалитетна здравствена заштита во оваа Клиника, затоа што има експерти и доктори од Република Србија, кои во директна соработка со македонските доктори работат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година.

Кардиохируршките операции кои се извршуваат во приватната болница ќе продолжат да се извршуваат на товар на Фондот, како и досега. Болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и овој концепт нема да се наруши.

Од аспект на професијата, природно е да има промени во работниот ангажман на доктори и медицински персонал, но ваквите флуктуации на работни места никако нема да влијаат на концептот кој е уреден со договорот, со што нема да бидат загрозени пациентите кои имаат потреба од ваков вид здравствена услуга.

Во случај да има некакви промени во врска со предметниот договор, очекуваме Клиниката „Жан Митрев“ формално да се обрати до Министерството за здравство.

Министерството за здравство стои на располагање на јавноста и отворено е за какво било дополнително појаснување или одговор.

Сподели на:

Related Posts