Во Министерството за здравство денеска се одржа прес-конференција по повод актуелната состојба од појава на мали сипаници. По прогласената епидемија на мали сипаници во населба Радишани, општина Бутел и согласно одлуката на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство, епидемиолошките екипи од Центар за јавно здравје–Скопје во соработка со вакциналните пунктови при здравствените домови, во периодот од 21 до 24.12.2018 година извршија контрола на моменталната состојба со вакцинацијата со МРП вакцина на деца на возраст од 12 месеци до 14 години на подрачје на Скопје.
–Контролите на терен покажаа дека во Скопје не се вакцинирани вкупно 15.000 деца на возраст до 14 години, согласно препорачаниот Календар за имунизација. Опфатот е посебно низок кај предучилишните деца, односно, од вкупно 39.009 деца (родени во период 2013-2017), дури 11. 256 (29%) не се вакцинирани. Овие податоци се порака до родителите да ја разберат сериозноста на ова заболување и реалниот ризик за проширување на епидемијата во Македонија и навреме да ги заштитат своите деца, посочи на денешната прес-конференција д-р Владимир Микиќ од Институт за јавно здравје.
Тој потенцираше дека кај 9 од 10 лица, кои биле во контакт со заболено лице, постојат сериозни услови за ширење епидемијата во Скопје и во останатите градови во државата.
Д-р Билјана Данаиловска од Центар за јавно здравје-Скопје информираше дека во моментов се пријавени вкупно 7 лица со морбили во населба Радишани, од кои 6 деца и едно возрасно лице во роднинска врска со едно од заболените деца. Инаку, во текот на вчерашниот ден е регистрирано уште едно дете од истата предучилишна установа во Радишани со клиничка слика на морбили, за кое се чека лабораториска потврда. Сите лица се во добра здравствен состојба и во фаза на заздравување. ЦЈЗ-Скопје, преку своите епидемиолошки тимови спроведува соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, согласно заклучоците на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство
Д-р Данаиловска посочи дека од вкупниот број деца родени во 2017 година, повеќе од половина од нив се невакцинирани (53%), додека од децата родени во 2016, невакцинирани се повеќе од една третина (36%). Опфатот со прва доза МРП вакцина за предучилишни деца е најнизок во општина Центар, во општина Карпош и во општина Аеродром, во кои речиси половина од децата се невакцинирани, додека пак, висок процент на вакцинација со МРП вакцина се бележи во општина Сопиште 0% невакцинирани и Шуто Оризари со 9,07% невакцинирани. И покрај тоа, што кај училишните деца ситуацијата е подобра, односно од вкупно 65 806 деца од 1-9 одделение, невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 3.728 деца или 5,7%, сепак загрижува податокот дека невакцинирани (или некомплетно вакцинирани) се 20% од децата во прво одделение. Со возраста расте и опфатот со вакцинацијата и кај децата од 5 до 9 одделение, каде се невакцинирани помалку од 5%.
Професор д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација при Министерство за здравство информираше дека веќе се одржани две работни средби на работна група, формирана од министерот за здравство, со претставници од МЗ, МТСП и ДСЗИ, со цел разгледување на можностите во законската регулатива за правото на заштита на децата од заразни заболувања, со цел соодветна имунизација и нивна навремена заштитени.
Таа посочи дека препорака од работната група е во следниот период превентивни здравствени тимови да ги посетат предучилишни установи и училиштата, имајќи предвид дека најголем дел од родителите имаат прашања и дилеми во однос на вакцинацијата
Апел од стручните лица е родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да заштитат своите деца, бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници!