Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска чекореше на Маршот „Напред розово“, кој 11-та година по ред се одржува за подигнување на свеста и против ракот на дојка.
Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во изминативе две години спроведуваат мерки за подобрување на здравјето и животот на овие пациенти.
„За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Спроведовме набавка на скапи цитостатици и сите жени на кои им е потребна терапија после операција или без операција на карцином на дојка, сега се покриени со целата терапија што им е потребна. Воведена е и иновативна терапија за т.н. ХЕР2 карцином на дојка и таа терапија како второлиниска ја примаат 15 пациенти. Тука се и сите тестови за пристапот да биде индивидуализиран, се внимава на најсовремените терапевтски пристапи, како што е тоа во најразвиените земји во светот“, истакна министерот Филипче.
Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека се обезбедени бесплатни ортопедски градници за жените што се оперирани од рак на дојка.
„Од оваа година обезбедивме бесплатни ортопедски градници, за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник. Процедурата за добивање бесплатен градник e еднаш годишно во соработка со Фондот за здравствено осигурување. Исто така, за првпат обезбедивме и психолошка поддршка на онколошките пациенти, која е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите. Правиме сѐ, пациентите подобро и побрзо да го надминат тој тежок период“, изјави министерот Филипче.
Мамографскиот скрининг се организира согласно Европските насоки за обезбедување на квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза.
За да се постигне оваа цел, потребно е сите компоненти, почнувајќи од перформансите на апаратурата, начинот на снимање, начинот и условите на анализирање на сликите, да исполнуваат највисоки стандарди за квалитет. Повеќе од една година, Комисијата за рана детекција на ракот на дојката интензивно работеше на исполнување на овие стандарди.
Министерот Филипче информираше дека националната платформа МОЈ ТЕРМИН е надградена, и сега задолжително ќе треба мамографските слики да бидат независно анализирани од двајца радиолози.
„Новина на работење е двојното читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти“, истакна министерот Филипче.
Имено, со имплементација на софтверската програма, која што ќе биде инсталирана во сите мамографски кабинети и преку истата секојдневно online ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на кои што се прикажуваат сликите и радијационите дози што ги добиваат пациентите.
Со ова, Република Северна Македонија би била единствена држава во регионот во која што се воспоставени вакви процедури за контрола на квалитетот, и би се придружила на Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија и сл, држави кои што се лидери по успешност на мамографскиот скрининг.
Мамографскиот скрининг се изведува во 6 мамографски центри, а со текот на времето се планира да се вклучат и други центрите кои што ќе ги исполнат високите стандарди за квалитет на опремата и на стручноста на персоналот.
Разликите на оваа скрининг програма во однос на сите претходни студии и програми на организирани мамографски снимања е што како основен водич е инкорпориран Европскиот водич за скрининг мамографија.
Во фаза е централизација на сите онколошки оддели под Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да се обезбеди максимална поддршка на пациентите и во другите градови.
Министерот Филипче ги повика сите жени да прават редовни лекарски контроли кои се најефикасни за рано откривање и дијагностицирање на болеста. Но, покрај редовните контроли секоја жена треба да прави и месечен самопреглед на дојка.
„Да знаете дека не сте сами и тука сме за да се грижиме за вашето здравје и здравјето на вашите најблиски. Остануваме посветени на обезбедување максимална здравствена заштита за сите наши граѓани и активна и инклузивна соработка со граѓанските организации. Само со заеднички напори може да го унапредиме нашиот здравствен систем. Чекориме заедно. Чекориме со грижа. Не сте сами!“, рече министерот Филипче.