Од денеска почна вакцинацијата против сезонски грип. Граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар.
Вакцинацијата почна во здравствените домови во Скопје, Велес, Неготино и општата болница во Кавадарци; утре во здравствените домови во Teтово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод и Ростуше и Општа болница со проширена дејност Дебар; во четврток во здравствените домови во Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип и Валандово и во Општа болница со проширена дејност Гевгелија, додека во петок во здравствените домови во Куманово, Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево и Кочани.
Оваа година, за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона.
Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска во изјава за медиумите потенцираше дека ова е веќе трета година по ред како се обезбедува соодветна количина за неколку категории на граѓани и тоа, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.
Центрите за јавно здравје од сопствениот буџет набавуваат вакцини за комерцијална употреба, кои исто така веќе од денеска се достапни за граѓаните.
Секоја година интересот за вакцинирање против сезонски грип е сѐ поголем, особено кај хронично болните и постарите лица кои поради позитивното искуство од претходните години, редовно се вакцинираат. Министерството за здравство потсетува дека најефективниот начин за спречување на болеста и нејзините тешки форми е имунизацијата, особено во период кога се соочуваме со пандемијата со коронавирусот.
/**
*/