Д-р Ана Филипче

Сакам да бидам психијатар – беше одговорот кој го добија моите родители на прашањето што сакам да бидам кога ќе пораснам. Мојот одговор беше проследен со громогласна смеа од присутните, а потоа секоја наредна прилика тема за шегување. Тогаш имав десет години.

Детската желба прерасна во жар, посветеност, пожртвуваност и многу одрекувања, но денес ја имам привилегијата да бидам дел од животните приказни на луѓето, дел од нивната мака, тага, болка, но и радост, во моментите кога сфаќам дека сум успеала да дадам утеха, да бидам потпора, и секако, да дадам надеж на луѓето кои се на маргините. За жал, борбата на еден психијатар не е само борба за триумф над болеста. Секојдневно се соочуваме со стигматизирање и со етикетирање на нашите клиенти, потценување и негирање на тежината на психијатриските состојби, погрешно толкување и минимизирање на потребата за лекување, поистоветување на психијатриските состојби со лоши карактерни црти, борба за подобрување на квалитетот на живот….

Предизвик е да се биде биде потпора кога луѓето се соочуваат со своите најголеми стравови, секако и товар, бидејки понекогаш сте и единствениот бедем, но задоволството е големо кога ќе видите насмеани очи и благодарност и силен стисок на рака кој сѐ ви кажува.
Иако, во последниот период стилот на живот и секојдневните многубројни притисоци и неповолни животни околности тежат, заеднички, со пациентите, успеваме да се справиме со сите притисоци, со растројства поврзани со стрес, класични (ендогени) психички состојби, но третманот и делувањето оди и пошироко. Многу е важно во третманот да се вклучат и семејствата на пациентите, да се едуцираат, да им се објасни природата на овие, најчесто хронични и долгогодишни растројства, да се тргне мистеријата и секако стигмата, која не е само во популацијата, истата се протега и во рамки на медицинска фела, да се работи за прифаќање на состојбата, да се нормализира…

Но, битките се за војување…секој ден е нов предизвик, секој пациент давање дел од себе, секое подобрување радост, понекогаш и по некој неуспех… И така стануваме посилни, бидејќи умните велат дека нашата сила доаѓа од нашата ранливост.

Share This Article :