Државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев, денеска се обрати на конференција посветена на деменција во регионот на Западен Балкан, која се одржува во Сараево. Конференцијата е во организација на Светската здравствена организација и Меѓународната асоцијација за Алцхајмер.
Д-р Милошев потенцираше дека Министерството за здравство како клучен чинител во оваа сфера, во рамки на клиничката болница во Штип ќе отвори Центар за дијагностицирање и лекување на Алцхајмеровата болест. Овој центар ќе биде наменет за рехабилитација и натамошна нега на пациентите, ќе соработува со Универзитетската клиника за неврологија од Скопје, како и со Министерството за труд и социјална политика, кои финансиски и организациски ќе придонесат во делот на социјална заштита, односно негата на пациентите.
Инаку, лекувањето на овие пациенти во Република Македонија се одвива по веќе утврдени стандарди и соодветни протоколи, кои обезбедуваат соодветна грижа и нега. На Универзитетската клиника за неврологија постои софтверски систем (Hospital information System) каде меѓу другите невролошки заболувања, се евидентираат и се следат пациентите со деменции, вклучувајќи ги и оние со Алцхајмеровата болест. Системот почна да функционира во јуни 2014 година и досега се собрани податоци за 1600 пациенти со Алцхајмерова болест.
Дополнително, д-р Милошев истакна дека во текот на годинава Министерството за здравство ќе воведе и единствен систем за следење на болничките и амбулантски пациенти со Алцхајмерова болест, како и уредно регистрирање на новодијагностицираните.