Министерот за здравство, д-р Венко Филипче беше во посета на Кавадарци по повод донација од Фондацијата „Никола Јанчев“, во висина од еден милион денари за обезбедување централен довод на кислород за модуларната болница во Општата болница со проширена дејност Кавадарци.
Во присуство на градоначалникот Митко Јанчев и директорот на болницата д-р Диме Коцев, министерот Филипче се заблагодари за овој чин на висока општествена одговорност и благодарение на препознавање на важноста во овој момент ќе се помогне таму каде е најмногу потребно, а тоа е здравствениот систем.
Болницата во Кавадарци е позната по својата експертиза, покрива регион од над 100 илјади жители, не само од Кавадарди, туку од сите околни градови.
-Навистина вложивме многу, се обезбеди голема сума на средства за зголемување на платите и дежурствата. Првпат се направи сервис и служба на дежурни специјалисти, нешто што не беше на располагање претходно, а првпат почна да се имплементира и моделот којшто планираме да го продолжиме на територија на целата држава, а тоа е интегрирање на здравствените установи, со цел работата да се рационализира. На пациентите да им се олесни пристапот и да се искористи целокупниот кадар. Во финална фаза е и постапката за набавка на компјутеризирана томографија и на почетокот на следната година ќе биде инсталиран за првпат во оваа болница, што сериозно ќе го олесни пристапот до оваа услуга на сите граѓани кои гравитираат во болницата во Кавадарци. Прилично се напреднати и подготвителните работи за поставување на модуларната болница, потенцираше министерот Филипче.
Тој информираше дека е обезбедена сума како еднократна награда за сите здравствени и нездравствени работници кои работат со пациентите заболени од ковид-19. Таа награда ќе им биде доделена пред новогодишните празници во висина од 30 илјади денари.
Филипче упати апел до граѓаните кои денеска го слават верскиот празник Св. Никола, со негрупирање во домовите да помогнат на здравствениот систем во борба со коронавирусот.
-Апелирам, овој празник денеска да го прославиме не како што знаеме традиционално со собири. Да останеме сите дома, да помогнеме со негрупирање да се надмине и овој ризик во рамки на оваа криза. Верувам дека новите мерки ќе дадат уште подобри резултати. Се намалува бројот на пациентите кои се примаат во болниците и верувам дека граѓаните со својата свест и совест сериозно ќе помогнат на здравствените работници. Уште еднаш голема благодарност на семејството Јанчеви со тоа што покажаа како се негуваат семејните вредности, трета година по ред инвестираат таму кадешто е најмногу потребно, претходно во младите, во стипендии за образование, а сега во поддршка на нашите здравствени работници, рече Филипче.