Министерството за здравство информира дека во рамки на проектот за итно справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, финансиран со заем од Светска банка, набавени се најсовремени медицински апарати.
Во текот на вчерашниот ден почна испораката и инсталација на апаратите и тие се веќе инсталирани во Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, Штип, Струмица, Куманово и Гевгелија, а во текот на следните денови ќе бидат опфатени и сите останати установи, во согласност со набавката на медицинската опрема. Се работи за 17 ултразвучни уреди и 17 мобилни рендген апарати, кои обезбедуваат современа и модернизирана технологија на располагање на здравствените работници за вршење детекција, дијагноза и третман на пациентите заболени од вирусот, како и за останати заболувања.
Иновативните технологии на уредите е предвидено да овозможуваат поголема резолуција, да имаат напредни процесори за пренос и прием на сигнали, како и високочувствително и прецизно дијагностицирање преку ехо системот. Сите овие параметри, значително го подобруваат дијагностичкото искуство. Моторизираниот дигитален систем за снимање на Х-зраци со интелегентна подвижност, како и бионички манипулатор, кој создава најширок опсег на покриеност, ги задоволува посакуваните параметри во иновативното клиничко опкружување.
Постојаното вложување во здравствениот систем, детектирајќи ги потребите на пациентите преку обезбедување апаратура со врвен квалитет, лесно адаптибилни и преносливи уреди е уште еден показател за остварувањето на нашиот стремеж кон модернизирани, современи и достапни здравствени услуги за сите граѓани на нашата држава. Со поставувањето ковид центри се овозможи двојно зголемување на постојниот болнички капацитет, обезбедени се дополнителни 10.000 м2, кои беа ставени на располагање и дополнителни 624 болнички легла во тек на пандемијата.