На Клиниката за детски болести пристигна лекот Трикафта и осум пациенти со цистична фиброза почнуваат со едногодишна терапија, информираше во изјава за медиуми министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити.
-Сакам да ве информирам дека на Универзитетската клиника за детски болести пристигна лекот Трикафта за цистична фиброза. Министерството за здравство, во соработка со сите надлежни институции го реши најитното прашање за оваа категорија пациенти и очекуваме оваа терапија видно да им го подобри квалитетот на живот на пациентите со цистична фиброза. Се работи на тоа лекот да се обезбеди и за другите пациенти, посочи министерот Меџити.
Двајца од осум пациенти се во тешка здравствена состојба и се лекуваат на Клиниката за пулмологија а шестмина други на Клиниката за детски болести. Со примање на лекот Трикафта се очекува пациентите да имаат поквалитетен живот, вели директорката на Детската клиника која даде појаснување околу ефектот на таблетите.
-Бидејќи лекот е набавен по малку поевтина цена, со буџетот што е на располагање, побарано е од ФЗО да набави терапија и други четворица пациенти, посочи д-р Фуштиќ.