Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче, по оддржаната дебата во Собранието на Република Македонија за можните локации за изградба на нов Универзитетски клинички центар, ги повика денеска на средба општините и стручната јавност. Целта на собирот беше да се запознае стручната јавност дека, освен локацијата предвидена со Генералниот урбанистички план на Скопје за потребите за изградба на нов клинички универзитетски кампус во Бардовци, до Министерството за здравство пристигнаа иницијативи уште од две општини, Ѓорче Петров и Петровец, со алтернативни предлог локации.
По добиените иницијативи, министерот Филипче ги повика градоначалниците Александар Наумовски и Борче Митевски да ги презентираат предлог локациите пред присутнитните претставници од Комората на овластени инжењери и архитекти, Асоцијацијата на архитекти, Катедрата за урбанистичко планирање при Аритектонскиот факултет Скопје, Проектната единица при министерствотот за здравство, стручни лица и консултанти од сферата на урбанизмот, планирањето на просторот и архитектурата,како и пред кабинетот на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.
По извршените презентации од општините се отвори дискусија, на која се разговараше за сите важни аспекти за еден ваков капитален јавен здравствен објект, сообраќајната поврзаност со градското подрачје и другите делови од државата, инфраструктурните потреби на кампусот, економско – финансискиот аспект, заштита на животната средина, потребата од стратешки документи како и потребата од изработка на комапартивни анализи.
„За ваков голем проект од национален интерес како што е Клиничкиот центар, ја вклучуваме и опозицијата во дебата. Нема партиски, национални или други разлики за изградба на новиот Клинички центар. Потребна е координација, интерактивно и ускладено функционирање“, вели Министерот Филипче.
Локацијата за новиот Универзитетски Клинички центар треба да биде транспортно пристапна и лесно достапна на граѓаните, економски оправдана, пријателски настроена кон животната околина и по можност досега не користена за претходен урбан развој и на тој начин ќе претставува простор соодветен за здравствен развој.