Министерството за здравство има долгогодишна соработка со Македонско – Турската стопанска комора во Македонија – МАТТО и бележи исклучителна поддршка во унапредување на македонскиот здравствен систем низ годините, а исклучително во изминатите неколку години. Mинистерот за здравство д-р Венко Филипче, учествуваше на состанок на управниот одбор на МАТТО. Филипче, им се обрати на присутните и се заблагодари за помошта и поддршката која многу компании членки на МАТТО ја дадоа на јавното здравство, на бизнис заедницата како и на населението во услови на пандемијата.
На состанокот министерот ја истакна средбата со Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и донацијатана вакцини, која нашата земја ја доби и беше значајна за нас. Особено важно за сите нас е што во периодот на пандемијата видовме колку значи поддршката која меѓусебно ја даваме и ги обедини сите држави во светот, додаде министерот.
Филипче истакна колку е важна и значајна едукацијата во здравствениот систем а која со години била запоставувана како и значењето на приватниот капитал во здравствениот систем кој е еден сегмент од целокупното здравство, а кој во услови на пандемијата покажа дека може добро да се справи со целата ситуација – рече министерот за здравство.
Претседателот на Комората, Ајдован Адемоски, истакна дека МАТТО е петти партнер во областа на инвестициите на Северна Македонија и осми во областа на трговијата.
-Моменталниот обем на трговија изнесува околу 500 милиони долари. Мисија на МАТТО е и да биде економски мост помеѓу двете земји. Иако МАТТО е Стопанска комора, таа е исто така и истражувачка организација, бидејќи поддршката која и ја пружа на нејзините членови и сродни компании во голема мера се заснова на информации и контакти – рече Адемоски.