Министерството за здравство ги поканува сите заинтересирани медицински сестри, кои имаат интерес да бидат ангажирани и да работат во службите за патронажна дејност да се пријават до 30 јуни, со доставување писмо за интерес до Министерството за здравство.
Согласно Законот за здравствената заштита, на јавниот повик можат да се пријават сите заинтересирани медицински сестри со завршено средно, вишо или високо образование во траење од три години, пробна работа и положен стручен испит.
Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности од примарна здравствена заштита и во единиците во кои се врши дејноста.
За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави писмо за интерес, во кое задолжително треба да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (мејл-адреса), копија од дипломата за завршено образование, копија од положениот стручен испит и јавната здравствена установа за која се изразува интерес според местото на живење.
Пријавата, заедно со документацијата потребно е да се достави во писмена форма до архивата на Министерство за здравство, ул. „50 Дивизија“ бр.14, 1000 Скопје, најдоцна до 30.06.2019 година, со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за изразување интерес за работа во службите за патронажна дејност за медицински сестри.
Оваа мерка се спроведува со цел зајакнување на службите за патронажна дејност во рамки на здравствените домови и општите болници со проширена дејност на територијата на Република Северна Македонија.