По 15 години, Универзитетската клиника за уво, нос и грло, во Скопје, набави современа опрема за хируршки интервенции, како и нови апарати за анестезија.
Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, истакна дека со набавката на оваа нова софистицирана опрема, и обуките кои клиниката ги изведува секојдневно, Република Македонија ќе се вброи во редот на врвните регионални центри од областа на оториноларингологијата.
Станува збор за најнова генерација столб за ендоскопска хирургија на нос и параназални синуси, што претставува светски стандард за минимално инвазивна хирургија. Набавен е и ултразвучен нож, со што на пациентите ќе им биде достапна и ултразвучна операција на крајници, а секако е вредно да се спомене и воведувањето нова оперативна техника, ултразвучна увулопалатопластика, за решавање на проблемот со рчење, познат како опструктивна слип апнеа.
Исто така е набавен и флексибилен фибероптички ендоскоп, кој овозможува дијагностички оториноларинголошки преглед на носот и грлото, како и фибероптичка интубација кај пациенти кај кои е невозможен друг начин на интубација, процедура која се врши само на Клиниката за уво, нос и грло.
-Оваа опрема е наменета за прецизна дијагностика и софистицирана хирургија, која ја олеснува работата на лекарите-оториноларинголози и го подобрува здравјето на пациентите, потенцираше министерот Филипче.
Вториот дел од новата опрема се состои од два нови, најсовремени анестезиолошки апарата, надополнети со хемодинамски монитори, модул за следење на длабочината на анестезијата, како и три видеоларингоскопи со монитор за ендотрахеална интубација.
Со видеоларингоскопите почнува новата ера на ендотрахеална интубација, за која се планира да се спроведе и адекватна обука за сите специјалисти и специјализанти по анестезиологија, оториноларингологија и сродните гранки.
-Со помош на видео записите на процедурите, кои ќе ги изведуваме со новонабавените апарати, може да се следи целата постапка на прегледот и интервенцијата, со истовремена едукација на специјализантите и специјалистите, што претставува една од главните дејности на Универзитетската клиника по оториноларингологија , изјави директорот на Клиниката за уво, нос и грло, д-р Јане Нетковски.
Новата опрема е набавена од буџетот на Клиниката и чини околу 130 илјади евра.