ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА МОРБИЛИ (МАЛИ СИПАНИЦИ) ВО НАСЕЛБАТА РАДИШАНИ

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе одлука најмалку две недели да се затвори градинката во скопската населба Радишани, каде пет деца се заразиле со морбили (мали сипаници).

Во моментов се регистрирани шест заболени лица, пет се деца од предучилишна возраст и еден возрасен маж.

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче изјави дека е прогласена епидемија на морбили (мали сипаници), која е последица од неколку годишните негативни кампањи против вакцинирање особено со вакцинацијата од МРП, колективниот имунитет е навистина паднат, додаде тој.

„Станува збор за болест која се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал сите заболени лица се невакцинирани. Три од пет деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се наоѓаат на домашно лекување“, изјави министерот Филипче.

Министерот додава дека опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Како децата растат, така родителите ги вакцинираат. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1,2,3 години и понатаму процентот на вакцинација расте.

Министерство ќе ги преземеме сите неопходни мерки за заштита.

„Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме приморани да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Не вакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација“, потенцираше министерот Филипче.

Д-р Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје,  вели дека морбилите (мали сипаници) можат дадат тешка клиничка слика, како вопспаление на белите дробови,  воспаление на мозок, тешка диареа и во одредени случаи дури и смрт.

„Од Центарот за јавно здравје, добивме информација за шест заболени лица, од кои три се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби,  а три се на домашно лекување. Од овие, само три се лабараторски потврдени, а во тек се наодите и за другите заболени, но клиничката слика укажува дека станува збор за мали сипаници. Сите деца кои се заразени со оваа болест не биле вакцинирани, а возрасниот пациент е со непознат вакцинален статус.  За жал долгогодишните негативни кампањи против вакцинирањето, а особено за МРП доведоа до опаѓање на опфатот на вакцинирани пациенти, а со тоа зголемен број на заболени и тоа во најчуствителната популација, децата во предучилишната возраст кога вообичаено реодителите ја одложуваат вакцинацијата“, рече Микиќ.

Во Скопје опфатот е 78  отсто за минатата година, а треба да биде повеќе од 95 отсто вакцинирано население, а  во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили (мали сипаници), бил само 67 отсто.

Иако е прогласена епидемија на мали сипаници, лекарите апелираат родителте да ги однесат децата на вакцинација.

Сподели на:

Related Posts