МЕЏИТИ: ПОСВЕТЕНО РАБОТИМЕ ХЕПАТИТИСОТ ДА СТАНЕ НАШЕ МИНАТО



Хепатитисот претставува закана за јавното здравје, но со колективна акција и свесност, можеме да работиме на негова превенција, рано откривање и на крајот негова елиминација, порача министерот за здравство д-р Фатмир Меџити по повод одбележување на Светскиот ден за борба со хепатитисот.

На настанот, кој беше организиран во партнерство со Хепар Центар Битола, присуствуваа и директорите на клиниките каде пациентите со хепатитис се третираат, а беше поставена и мобилна единица за тестирање за хепатитис.

-Подигнувањето на свеста за хепатитисот е она на кое денеска ќе се фокусираме. Многу луѓе можеби живеат со хепатитис, но не знаат за тоа, преку обезбедување достапни информации и активности на терен можеме да ги поттикнеме поединците да се заштитат себеси и своите најблиски од овој „тивок непријател, истакна Меџити.

Министерот Меџити потенцираше дека раното откривање на хепатитисот е од огромна важност за третманот и токму затоа тестирањето игра витална улога во идентификувањето на инфекциите во рана фаза кога и самата терапија може да биде највлијателна.

-Како дел од нашата посветеност за обезбедување квалитетна здравствената заштита, ќе продолжиме да ги прошируваме капацитетите за тестирање и да промовираме рутински прегледи, особено за групите со висок ризик. Сакам да истакнам дека обезбедувањето еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита за сите е императив во нашето работење, нагласи Меџити.

Министерот информираше дека статистиките покажуваат дека лани во земјата биле евидентирани 83 нови случаи на хепатитис, од кои најзастапен е хепатитис Б со 43 случаи, истакнувајќи дека тежнееме кон тоа да ги исполниме целите на Светската здравствена организација која имплементира глобална стратегија за елиминација на хепатитисот до 2030 година. Тој порача дека Министерството ќе продолжи посветено да работи со цел хепатитисот да стане наше минато. 

Сподели на:

Related Posts