Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити денеска на пресконференција го промовираше новиот начин и методологија за утврдување на лек на позитивната листа. Позитивната листа на лекови се ревидира после 13 години, со што ќе се овозможи поголема достапност на иновативни лекови во државата каде има ограничени ресурси. Со ревидирањето на позитивната листа на лекови ќе се обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите. Со новиот Правилник за ставање лек на позитивна листа, кој се базира на европските пракси во оваа област, вклучувајќи ги тука и посебните договори, ќе се овозможи достапност на иновативни лекови за пациентите. Со новиот Правилник е пропишана методологија за утврдување на лек на позитивна листа со дефинирани јасни критериуми што треба да бидат исполнети, за еден лек да биде дел од позитивната листа.
-Формирана е стручната комисија која го утврдува предлогот на Листата на лекови на товар на Фондот. Оваа комисија континуирано ќе работи на изменување и дополнување на Позитивната листа на лекови и верувам дека конечно после долг период ќе воспоставиме функционален систем со цел задоволување на потребите на пациентите со соодветни терапии.Комисијата е составена од експерти во оваа област, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од Универзитетските клиники, кои се доктори специјалисти, од различни области на медицината и фармацијата. Грижата за пациентите е наш стратешки приоритет и во таа насока Министерството за здравство континуирано работи на надградување на прописите со кои се уредува областа на лековите, изјави министерот.
Начинот на утврдување и донесување на Листата на лекови, како и постапка за утврдување лек на позитивна листа ќе биде транспарентен процес и ќе важи за сите лекови подеднакво, независно дали станува збор за домашен или странски производител на лекови. Динамиката за воведување измени во Листата на лекови предвидено е да биде двапати годишно, односно во месеците април и октомври. Комисијата, согласно новиот Правилник ќе одлучува кој лек да се најде на позитивната листа, какво е неговото терапевстко значење, ќе се врши вреднување за значењето на лекот по јавното здравје, фармакоекономските ефекти, етичките аспекти, како и какви се научните сознанија за лекот.