МИНИСТЕРОТ САЛИ ГО ОТВОРИ ЦЕНТАРОТ ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ВО ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО КОЧАНИ

Министерот за здравство, д-р Беким Сали денеска го отвори Центарот за ментално здравје во рамки на Општата болница со проширена дејност во Кочани.

На свеченоста по повод отворањето присуствуваше и раководителката на канцеларијата на Светската здравствена организција (СЗО) во Скопје, Ане Јохансен, како и претставници од ресорното министерство и вработени во кочанската болница.

Директорот на Општата болница со проширена дејност, Александар Серафимов информираше дека за потребите на Центарот комплетно е реновиран и адаптиран поранешен објект што не се користеше, за што се инвестирани околу 15 илјади евра, а стручно е екипиран со двајца психијатри, еден психолог и три медицински сестри.

-Отворањето на Центарот во Кочани е во пресрет на 10 октомври – Светскиот ден на менталното здравје, а пациентите што ќе ги користат услугите ќе бидат упатувани со закажување преку „Мој термин“. Ќе опслужува околу шест илјади амбулантски пациенти на годишно ниво. Тој е дел од националната Стратегија за унапредување на менталното здравје 2018 – 2025 година. Вакви центри веќе функционираат во Скопје, Тетово, Гевгелија, Демир Хисар, Струмица и Прилеп, а во иднина ќе продолжиме и во другите градови. За подобрување на здравствените услуги во Општата болница во Кочани, која покрива повеќе општини од источниот регион, веќе се испратени на специјализација 16 млади лекари во различни области, истакна министерот Сали.

Претставничката на СЗО, Јохансен даде поддршка на напорите за отворањето на Центарот во Кочани, при што нагласи дека еден од приоритетите е да се подигне јавната свест за потребите на пациентите со проблеми во менталното здравје.

-Многу е важно да се намали стигматизацијата на пациентите со вакви проблеми. Постои напредок затоа што медицинските лица ги препознаваат, но кај пациентите има колебање и тие често сметаат дека не треба да побараат помош. Сепак, како и кај сите други здравствени проблеми, као хипертензија на пример, и овие луѓе треба да побараат терапија и лек за своето здравје, истакна Јохансен.

На отворањето на Центарот за ментално здравје во Кочани беше истакнато дека во наредниот период е планирано негово кадровско зајакнување уште со двајца психијатри, двајца психолози, социјален работник, пет медицински сестри и двајца болничари.

Сподели на:

Related Posts