НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ПРВПАТ ИЗВЕДЕНА АФЕРЕЗА НА ПЕРИФЕРНИ МАТИЧНИ КЛЕТКИ КАЈ ДЕТЕ

Универзитетската Клиника за хематологија, во соработка со Универзитетската Клиника за детски болести, реализира афереза на периферни матични клетки кај 9 годишно дете, ХЛА ДНК идентичен донор на матични клетки за сестра која боледува од акутна леукемија и на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Со оваа соработка се отвара можност и педијатриски пациенти и донори да бидат лекувани со овие најсофистицирани медицински интервенции.
Во тек на оваа недела на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија се реализираше меѓународна едукација за клеточна сепарација (афереза) и колекција на периферни матични хематопоетски клетки, донорски лимфоцити и плазмафереза, методи кои ќе се користат во третман на болните со малигни и немалигни хематолошки заболувања. Едукацијата ќе ја реализираат лекари специјалисти од Клиниката за хематологија и Клиниката за детски болести со помош на странски експерт. Ова е втора меѓународно акредитирана едукација која се спроведе на клиниката во изминатиот период со цел да се воведат нови тераписки методи кои претходно не се изведувале на клиниката. Екстракорпорална фотофереза, афереза на периферни матични клетки кај адултни и педијатриски болни и донори, колекција на донорски лимфоцити и плазмафереза се процедури кои се применуваат во трансплантационата хематологија за третман на малигните хематолошки заболувања или компликациите по трансплантација како што се акутен и хроничен тип на графт верзус домаќин болест.
ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија со воведување на новите тераписки процедури ќе стане еминентен трансплантациски центар, по примерот на европските центри за трансплантација на хематопоетски матични клетки, во кој ќе се изведуваат сите процедури врзани за мобилизација, колекција, одредување на квалитетот на графтовите и бројот на ЦД34+ клетки, обработка и криопрезервација на алогените и автологни графтови на матични клетки и следење на имунолошкото опоравување по трансплантација преку одредување на лимфоцитни субпопулации со проточен цитометар.

На клиниката во период од три години се реализирани над 150 трансплантации, од кои шест хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. На 15 септември 2021 година клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациски процедури.

Сподели на:

Related Posts