НА 19.123 ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ ИМ СЕ ЗГОЛЕМУВА ОСНОВИЦАТА ЗА ПЛАТА ЗА 5 ОТСТО

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска одржа прес конференција на која соопшти детали за одлуката на Владата на Република Македонија за Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, со која ќе бидат зголемени платите на сите здравствени работници за 5%.

Министерот истакна дека зголемувањето ќе започне да се применува со исплатата на септемвриската плата и тоа значи реализација на уште една точка од Програмата за работа на оваа Влада на Република Македонија.

Со потпишувањето на оваа Спогодба од страна на Министерството за здравство и Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, ќе се зголеми основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари, што претставува зголемување за 5%.

Потребните средства за зголемување на износот на најниска плата изнесуваат 469.935.384 денари на годишно ниво, а на месечно 39.161.282 денари за 19.123 вработени во јавните здравствени установи. Пресметките се направени врз основа на  податоци од исплатена бруто плата во месец мај 2018 година.

Со оваа мерка, Владата уште еднаш покажува иницијатива и заложби за задржување на здравствените работници во јавното здравство и во нашата земја.

Сподели на:

Related Posts