ОТВОРЕН КАРДИОВАСКУЛАРЕН ЦЕНТАР ВО ГРАДСКАТА ОПШТА БОЛНИЦА „8 СЕПТЕМВРИ“

Од денеска во рамките на Градската општа болница „8-ми Септември“ функционира Кардиоваскуларен центар. Центарот свечено беше отворен од страна на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Министерот за здравство д-р Венко Филипче. Кардиоваскуларниот центар се отвори токму на патрониот ден на болницата.

„Овој центар дефинитивно ќе ги надополни досегашните центри. Најголемиот капацитет е Клиниката за кардиологија. Постојат насекаде низ градовите, постои еден дел и во Здравствен дом Скопје, но Градската болница навистина го опслужува градот, а ја опслужува и цела Република Северна Македонија.

Продолжуваме во здравството со сите политики коишто дефинитивно ќе го подигнат нивото на здравствените услуги. Во моментов знам дека се распишани постапки за реновирање на скоро сите здравствени установи. Распишани се постапки за опремување на повеќе од 34 здравствени институции во државата, голем дел на тендерски постапки се објавени за дополнително квалитетно здравство за граѓаните. Продолжуваме со мотивацијата на лекарите и здравствените работници преку зголемувањето на платите. Знаете дека силен фокус имаме на постапката за изградбата на новиот Клинички центар за сите граѓани, во делот на терцијарното здравство коешто е многу важно за сите граѓани“, потенцираше премиерот Заев.

Во овој центар сместени се кабинетот за трансторакална, трансезофагеална и стрес ехокардиографија, Кабинет за Холтер и АБП дијагностика, кабинетот за коронарен стрес тест и ергоспирометрија.

Во рамките на центарот се наоѓа сала за ангиографија и сала за имплантација на пејс мејкери, кои исто така се работат во оваа болница. Ергоспирометријата како метода се користи за проценка на функционалниот капацитет на кардиоваскуларниот, респираторниот, мускуло скелетниот систем и метаболизмот за време на одење по подвижна лента.

„На вработените во овој центар им посакувам успешен почеток. Од моја страна и од страна на Владата останува заложбата за подобрување на условите на здравствените работници и обезбедување на средства за повисоки плати, а пациентите достоинствени услови за лекување. Во периодот кој следува продолжува интензивната работа, подготвувањето на постапката и градбата на новиот Клинички Центар којшто ќе биде тип на зграда со интегрирана услуга, како што има оваа болница. Ова е единствена болница којашто била пред многу години градена специјално со таа намена, многу слично на зградата на ВМА во Белград и заради тоа е тоа битно да се олесни пристапот и нормално со тоа квалитетот на здравствената услуга расте“, изјави министерот Филипче и додаде дека Министерството за здравство почнува постапка за подобрување на условите во над 30 јавни здравствени установи во државата.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов инфомираше дека просторот кој го користеше како Дијагностички центар Клиниката Жан Митрев, вратен на користење на Градската општа болница „8 Септември“, се реконструираше во Кардиоваскуларен центар.

„Зголемувањето на интензитетот на работата на одделението и кабинетот за кардиологија, како и воведувањето на нови дијагностички методи ја наметна потребата за отворање на Кардиоваскуларен центар во Градската општа болница „8 Септември“ се во интерес на пациентите. Кардиоваскуларниот центар има три кардиолошки амбуланти и кабинети за дијагностички методи лоцирани во еден заеднички простор лесно достапни за пациентот“, истакна директорот Костов.

Премиерот Заев и министерот Филипче, на вработени им го честитаа патрониот празник, како и денот на независноста, „8 Септември“.

Линк до повеќе фотографии: https://flic.kr/s/aHsmGKZfbS

Сподели на:

Related Posts