Панел дискусија во Министерството за здравство за придобивки од доењето

Во Министерството за здравство вчера се одржа панел дискусија, во пресрет на Светска недела на доење, што годинава од 1 до 7 август, се одбележува под мотото „Сите заедно да го одржиме доењето“.
Република Македонија има изготвено Програма за мајки и деца, Акциски план за исхрана, Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, изготвен е и Акциски план за матернално здравје и на новороденчиња и Стратегија за ХИВ, има доволно долго породилно отсуство и законска рамка за паузи за доење во текот на работниот ден, изготвени стратешки оперативни процедури за давање одговор за доење и исхрана на малите деца. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето „Светски трендови во однос на доењето“, презентирани вчера во Министерството за здравство.

На панел-дискусијата присуствуваше заменик-министерот за здравство, д-р Гоце Чакаровски, кој истакна дека за идните мајки нема побрза, поевтина и поквалитетна храна од мајчиното млеко. Посочи дека Министерството за здравство и во иднина ќе продолжи да се ангажира за поддршка на сите граѓански здруженија за да го промовираат тоа на што не учеле нашите баби, дека доењето за развој на идните поколенија е најважно нешто и за мајката и за бебето.

-Контактот меѓу мајката и бебето со пресекување на папочната врвца продолжува преку доењето, ексклузивно до шест месеци, меѓутоа ќе промовираме да продолжи до две години со создавање одредени услови особено за мајките кои одат на работа, додаде д-р Чакаровски.

На панел дискусијата присуствуваа претставници од Министерство за здравство, Здравствен до Скопје, Завод за здравствена заштита на мајки и деца, здравствени работници и невладини организации. Резултатите од истражувањето и заклучоците од денешната дискусија ќе бидат опфатени во Акцискиот план за унапредување на доењето, кој го изготвува Комитетот за доење при МЗ.

Сподели на:

Related Posts

Остави коментар