РАБОТИЛНИЦА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НАЦИОНАЛЕН РЕГИСТЕР ЗА РАК

Управата за електронско здравство користејќи го инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX) денеска организираше работилница на тема „Воспоставување национален регистер за рак“.

Целта на работилницата е споделување на најдобрите практики на ЕУ за воспоставување национален регистер на рак, утврдување оптимален сет на податоци, кои ќе се прибираат и потребни активности за приклучување на Македонија кон Европската мрежа на регистри на рак.

Учесници во работилницата се вработените во Управата за електронско здравство, Министерство за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување, Центрите и Институтот за јавно здравје, претставници од стручната фела од здравствените установи, епидемиолози и други претставници. 

Свое обраќање на оваа работилница имаше и директорот на Управата за електронско здравство, Беким Хаљими кој истакна дека Управата за електронско здравство почна процес на воспоставување и одржување медицински регистри, односно електронско пополнување на индивидуалните евиденции за болести и состојби за влез на податоците во соодветните регистри, а со цел следење на меѓународните, а особено европските практики за целосно, точно и автоматизирано (електронско) внесување на податоци во централен систем. Истакна дека процесот на изработување на електронско решение за индивидуална пријава за малигни болести преку Националниот систем претставува продолжување на реформските процеси во областа на електронските евиденции во здравството, како и следење на заложбите на Владата на Република Македонија за имплементација на Европските и Светските практики за овозможување целокупна електронска здравствена евиденција.

Инаку, експертот од Европска комисија, кој ги водеше сесиите е од Холандија, д-р Ото Висер, директор на Холандска сеопфатна организација за рак (IKNL)-член на Европската мрежа на регистри за рак (ENCR).

Очекувањата се дека преку оваа работилница сите присутни ќе бидат запознаени со добрите европски практики во однос на воспоставувањето и одржувањето на соодветни регистри за малигни заболувања. Во наредниот период кој следува стручната фела заедно со Управата за електронско здравство и Министерството за здравство, преку стекнатите знаења и искуства да го дефинираат сетот на податоци на индивидуалната пријава за малигни заболувања, да се воспостават протоколи за правилно шифрирање на дијагнозите, а со тоа и подобар квалитет на податоци, кои ќе претставуваат извор на решенија за подобрување на состојбите во Република Македонија.

Сподели на:

Related Posts