Караванот за вакцинација против Ковид-19 почна денеска во Шуто Оризари и во следните две недели ќе опфати 14 општини низ државата. На настанот присуствуваше министерот за здравство Беким Сали, заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, како и претставници од СЗО и УСАИД.
– Продолжуваме со акциите за промоција на вакцинацијата како начин на сигурна имунизација на сите граѓани. Кризата со Ковид-19 се уште не е надмината и ги повикуваме сите граѓани да пристапат кон вакциналните пунктови. Им се заблагодарувам на сите здравствени работници кои не поддржуваат во оваа акција и на сите матични лекари кои ја поддржаа нашата иницијатива со поканување на нивните пациенти кои се во ризична група, изјави министерот Сали.
Посочи дека изборот на Шуто Оризари за почеток на караванот за вакцинација против Ковид-19 е случаен и додаде дека целта на кампањата се локации каде има помал одѕив за вакцинација.
Караванот за вакцинација против Ковид-19 утре од 12 часот до 16 часот ќе биде на плоштадот во Кратово. Во следните денови караванот ќе биде во Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред Ист гејт мол), Куманово, село Матејче во Липково, Арачиново, село Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, село Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга. Четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против КОВИД-19.
Американската амбасадорка Кејт Брнз рече дека караванот ќе трае 14 дена и се спроведува заедно со нивните партнери од СЗО, УНИЦЕФ во обид да најдат начини за промоција на вакцините.
– Јас лично сум вакцинирана и сметам дека вакцините се безбедни и ефективни. Пандемијата се уште не е завршена и сметавме дека треба да бидеме партнери во овој проект каде не само што даваме можност на луѓето да се вакцинираат, туку исто така овозможуваме да се споделат информации за луѓето да знаат за вакцините и имаат можност преку овој караван да разговараат со професоналци кои ќе им објаснат за што се работи. Се надевам дека овој караван ќе ги охрабри луѓето да примат вакцина, додаде Брнз.