МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ И Д-Р ЃОРЃЕВ ОД ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ: ЗАЈАКНАТ ИМУНИТЕТ И ВНЕСУВАЊЕ ХРАНА БОГАТА СО ВИТАМИНИ, КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА ЗАШТИТА ОД АЕРОЗАГАДУВАЊЕ

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче и д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје одржаа прес-конференција на којашто ги посочија препораките и советите на здравствените власти за заштита на граѓаните од загадувањето на воздухот.

Истакнувајќи дека борбата против аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија, министерот за здравство, д-р Филипче истакна дека сите институции се насочени кон спроведување мерки коишто ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот. Посочувајќи дека аерозагадувањето најмногу ги погодува хронично болните, луѓето со срцеви и белодробни заболувања, повозрасните, бремените жени и децата, министерот Филипче советува:

– Да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, повозрасни и хронично болни лица), како и за лицата коишто работат на отворено. Храната треба да биде богата со витамини и антиоксиданси, а хронично болните треба редовно да ја земаат препишаната терапија од својот лекар, потенцираше министерот Филипче. 

Граѓаните, како што рече д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, треба пред се, да се заштитат, но исто така, тие имаат и улога во намалување на загадувањето на воздухот. Клучно е сите граѓани да го подобрат својот имунитет.

– Ефектите врз здравјето се најнапред на респираторниот систем, значи заштита на белодробниот систем, така што астматичарите, на која било возраст треба и се под опсервација за зачестените астматични напади во овие услови. И секако избегнување масовни собири, каде што во услови на аерозагадување концентрациите се високи во надворешен и внатрешен простор – исто така е една од препораките во овој период, истакна д-р Ѓорѓев.

Преку Системот „МојТермин“, како што беше посочено на денешната прес – конференција има доволно податоци во однос на бројот на ранливи категории на граѓани. Во таа насока, како што истакна министерот Филипче се прави план на кој начин и кому ќе бидат поделени 50 илјади заштитни маски.

– Свесни сме дека ова е проблем којшто се провлекува многу години наназад. И исто така сме свесни дека за да има вистински ефект и резултати, треба да се започне со работа и оваа Влада токму тоа го прави, потенцираше министерот Филипче.

Поставувајќи ја борбата со аерозагадувањето како стратешки приоритет државните институции, општините и надлежните инспекторати секојдневно се на терен и преземаат соодветни мерки. Лоцирани се и запленети повеќе од два тони гуми, коишто би се користеле како средство за загревање, во неколку училишта е сменет системот за греење и тие наместо на нафта, се загреваат на пелети, додека во централното градско подрачје забранет е дотурот на роба.

На денешната прес-конференција беа истакнати и дел од препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, односно почесто да се користи јавниот превоз, во едно возило да се превезуваат повеќе лица, за затоплување на домовите да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, гума или каков било синтетички материјал.

Во случај на енормно загадување на воздухот, односно доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките во текот на два дена е над прагот од 200 микрограми нa метар кубен, и доколку праговите се измерени на најмалку две мерни станици во градот Скопје, односно на 50% од бројот на поставени станици во кое било населено место, од работни обврски треба да бидат ослободени бремените жени, лицата постари од 60 години, луѓето со хронична астма или со прележан мозочен и срцев удар.

Во случај на активирање на интервентните мерки, ќе се реорганизира и работното време, односно на отворено работниците ќе работат само во периодот од 11 до 17 часот. Во вакви услови, ќе се зајакнат и капацитетите на службата за итна медицинска помош, домашната посета, како и на патронажната служба.

Сподели на:

Related Posts