Во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта во Република Северна Македонија, Министерството за здравство ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во рамки на 80 општини и градот Скопје. По претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе почнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата. Од денес почна собирањето согласности за тестирање на учениците во училиштата.
Министерството за здравство скринингот во училиштата го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од училиштето. Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина.
Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид-19, односно дали тој се шири низ училиштата и каква е трансмисијата. Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици.
Министерството за здравство апелира до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на Ковид-19 низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците. Со давањето поддршка на скринингот, зачајно ќе се придонесе да се добијат релевантни податоци базирани на докази, кои ќе овозможат натамошно носење соодветни одлуки од интерес на децата и учениците. Тоа ќе овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците.