МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО Е ОД КРУЦИЈАЛНА ВАЖНОСТ ЗА ЕКОНОМСКИОТ НАПРЕДОК НА МАКЕДОНИЈА

Министерот за здравство доц.д-р Венко Филипче, денеска беше дел од големата конференција „Развој на човечкиот капитал и економскиот раст во земјите на Западниот Балкан“ во организација на Министерство за финансии и Светска банка, на која имаше свое обраќање, на кое потенцира дека Министерство за здравство е клучно за подобрување на човечкиот капитал во земјата. Инвестирањето во здравјето на луѓето е од круцијална важност за економскиот напредок на Македонија.

Инвестирањето во развојот на човечкиот капитал има економска смисла, а Македонија е земја во која треба да се вложува во човечкиот капитал!

Во продолжение, следи интегрален текст од обраќањето на министерот доц.д-р Филипче :

Благодарам на поканата и честа да бидам дел од овој особено значаен настан, за развој на човечкиот капитал и економски раст во земјите на Западен Балкан.

Министерство за здравство е клучно за подобрување на човечкиот капитал во земјата. Инвестирањето во здравјето на луѓето е од круцијална важност за економскиот напредок на Македонија.

Индексот за човечки капитал подготвен од Светска банка покажува колку губиме од потенцијалната економска продуктивност поради недоволното вложување во граѓаните и дава насоки за креирање на политики насочени кон зголемување на  продуктивноста преку инвестирање во здравјето на граѓаните и нивното образование.

Овој индекс во земјава, го илустрира досегашното непродуктивно инвестирање во здравствената заштита на децата и возрасните   Дете родено во Македонија денес, ќе биде 53 проценти продуктивно кога ќе порасне, од тоа  што би можело да биде, доколку имало  квалитетно образование и здравствени услуги.

Според податоците од Светска банка, 99 од 100 деца во Македонија доживуваат 5 годишна возраст, додека 91 отсто од 15- годишниците  ќе ја дочекаат 60 тата година од животот. Овие статистички податоци покажуваат колкав е исходот со смртни и без смртни последици што дете родено денес, ќе ги доживее како возрасен во сегашните услови.  Во однос на здравиот раст, 5 од 100 деца  имаат ризик од когнитивни и физички ограничувања кои можат да траат во текот на целиот животен век.

Со овој проект на Светска банка, заеднички ја креваме свеста за инвестициите во развојот на човечкиот капитал и подобрување на резултатите за подобар економски раст и развој. Испорачување на подобри резултати во здравјето и образованието на децата значително ќе ги зголеми приходите на луѓето понатаму, односно  ќе имаме придобивки на долг рок. Колку ќе вложуваме за да имаме здрава и образована нација, толку  ќе имаме и попродуктивни граѓани и повисок економски раст. Човечкиот капитал е клучен фактор за одржлив економски раст и намалување на стапката на сиромаштија.

Лошото здравје и болестите го намалуваат развојот на капиталот и приходите во целиот свет. Болестите ја намалуваат продуктивноста или способност на луѓето.

Истражувањата покажуваат дека подобрувањата во приходите доаѓаат рака под рака со подобрувања во здравјето. Корелацијата меѓу здравјето и приходот е взаемна, односно колку приходите влијаат врз здравјето, толку и здравјето влијае врз приходите на луѓето.

Влошеното здравје и несодветната исхрана  во детството може да предизвика големи последици  на физичкиот и когнитивен развој на  децата, намалена продуктивост кај овие деца кога ќе пораснат, што директно влијае на намалувањето на  човековиот капитал на земјата. Токму затоа овие инвестициите треба да се направат на почеток од животот на детето.

Според истражувањата, ако го зголемиме очекуваниот животен век на населението, како главен показател за здравјето,  ќе има позитивен ефект врз растот на човечкиот капитал и раст на БДП во земјата.

Сакам да потенцирам дека целата на  инвестирањето во квалитетен здравствениот систем, не е само спасување животи, туку е и клучна инвестиција за продуктивен живот на граѓаните и раст на економијата. Нарушеното здравје ја нарушува и продуктивноста, ги попречува перспективите за работа и негативно влијае врз развојот на човечкиот капитал.

Министерството за здравство има за цел да инвестира во развојот на човечкиот капитал. Наши стратешки цели се инвестиции во превентивна здравствена заштита на заразни и незаразни болести, развој на примарната здравствена заштита, капитални инвестиции во изградба на нови и современи здравствени установи, како и инвестирање во обуки, едукација и развој на младиот медицински кадар во земјава. Сето ова ќе придонесе за подобрување и зајакнување на здравствениот систем во земјава, а на долг рок и подобрување на индексот за човечки капитал.

Инвестирањето во развојот на човечкиот капитал има економска смисла, а Македонија е земја во која треба да вложува токму во тоа.

 

 

 

Сподели на:

Related Posts