МИНИСТЕРОТ САЛИ НА СОСТАНОК ЗА ЗДРАВЈЕ И МИГРАЦИИ ВО ТУРЦИЈА, ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СЗО

Министерот за здравство, Беким Сали присуствува на состанок на високо ниво за здравје и миграции, кој се одржува денеска и утре во Истанбул, Турција, организиран од Светската здравствена организација.  

-Особено е значајно да се погрижиме мигрантите и бегалците не само да имаат пристап до здравствените услуги кога им се потребни, туку и овие услуги да се приспособат соодветно на демографските промени во општеството, притоа целосно почитувајќи ги човековите права и достоинството на мигрантите, потенцираше министерот Сали во своето обраќање на состанокот. 

На маргините на состанокот, министерот Сали се сретна со регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге, при што изрази благодарност за континуираната поддршка и соработка за унапредување на здравствениот систем и здравствената заштита во нашата држава, а се разговараше и за идни активности и планови за зајакнување на соработката со СЗО. Воедно, д-р Клуге му врачи плакета на министерот Сали за посветеноста на здравствениот систем и здравствените работници во нашата држава во борбата против Ковид-19. 

-Како мал знак на мое лично признание, воедно и признание од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, како и од главната канцеларија во Копенхаген и на земјите членки, за континуираната посветеност и залагање на здравствените работници за унапредување на здравјето и добростојбата во европскиот регион на СЗО, би сакал да  да им ја врачам оваа плакета на здравствените работници во земјата и со неа да ја пренесеме нашата порака за благодарност до сите нив, посочи д-р Клуге. 

Сподели на:

Related Posts