МОДЕРНИЗАЦИЈАТА НА КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА ЗНАЧИ ГОЛЕМА ПРИДОБИВКА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити присуствуваше на свеченото отворање на новите реновирани амбуланти на Универзитетската клиника за неврологија каде беше промовирана и нова современа медицинска опрема, која ќе го унапреди третманот на пациентите.

Министерот за здравство изрази задоволство што јавната здравствена установа каде тој долги години работел се развива и модернизира.

-Посебно ме радува што сме тука собрани за да сведочиме на позитивните промени кои се имплементираат на оваа клиника, а се во интерес на пациентите. Денеска имав можност да ги посетам реновираните амбуланти и да се уверам дека оваа здравствена установа напредува и се осовременува со цел да се подигне стандардот на услугите кои ги добиваат пациентите, истакна Меџити.

Министерот Меџити кој е специјалист- невролог од своето искуство посочи дека неврологијата побарува користење на врвни алатки, бидејќи се соочува со сложеноста на човечкиот мозок и нервниот систем и токму затоа од голема важност е постојано да се надградува опремата која се користи во работењето.

-Клиниката за неврологија ќе може да го унапреди своето работење со помош на новиот eлектроенцефалограм кој е донација од компанијата „Биотек“, апаратот “SUDO SCAN“ кој е донација од Здружението за фамилијарна амилоидна полиневропатија, како и со новиот aпарат за електрофереза на протеини во ликвор, кој е донација од обложувалницата „Моцарт“на иницијатива на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, информираше Меџити.

Во текот на посетата Меџити потенцираше дека му е посебно драго што во процесот на модернизирање на работата на Клиниката за неврологија заедно се вклучени и институциите и приватниот сектор и здруженијата на пациенти.

Министерот се заблагодари на сите општествено одговорни чинители за донациите посочувајќи  дека заедно можеме да изградиме здравствен систем кој не само што ги задоволува потребите на денешницата, туку е и подготвен за предизвиците кои ги носи иднината. Тој изрази и голема благодарност и до здравствениот персонал кој е движечка сила на оваа здравствена установа, истакнувајќи дека новите услови за работа и новата современа опрема ќе придонесат за уште поголем напредок во работата на Клиниката за неврологија од која најголем бенефит ќе почувствуваат пациентите.

Сподели на:

Related Posts