ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА ХЕМОФИЛИЈА

Државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев денеска присуствуваше на настан по повод одбележување на Денот на хемофилија и 20-годишниот јубилеј на здружението Хемолог.

Д-р Милошев потенцираше дека Министерството за здравство секоја година донесува посебна Програма за обезбедување на трошоците за болни кои се третираат со дијализа и активности за пациентите со хемофилија во Република Македонија, а во Програмата за оваа година се предвидени бројни активности за унапредување на грижата и третманот за лицата со хемофилија. Од самите почетоци на основање на оваа Програма некаде околу 2000 година, кога беа опфатени 176 пациенти за набавка на фактор за хемофилија, во континуитет се зголемува бројот на опфатени лица и со актуелната програма се опфатени над 300 пациенти.

Центарот за хемофилија при Институтот за трансфузиона медицина ги координира активностите на сите членови на мултидисциплинарниот тим за хемофилија со што на овие лица им обезбедуваме сеопфатна грижа. Овој Центар за хемофилија ги следи препораките на Светската федерација за хемофилија и Европскиот конзорциум за хемофилија, а воедно е сертифициран како Европски центар за сеопфатна грижа.

Д-р Милошев истакна и дека на лицата со хемофилија им е овозможено домашната терапија да ја подигнуваат од трансфузиолошката служба во градот каде живеат, а децата со тешка форма на хемофилија се на профилакса, со што се превенираат крвавењата и се зачувува во добра состојба нивниот мускулоскелетен систем.

Сподели на:

Related Posts