
За време на официјалната посета министрите за здравство од Република Македонија и Република Косово остварија билатерална средба на која се дискутираше за можностите за заедничка соработка и промоција во делот на здравствена заштита меѓу двете земји. 

Министерот за здравство на Република Косово, Уран Исмаили, изрази голема благодарност за средбата и можноста за соработка во делот на здравството, посебно за начинот на кој функционира „Мој Термин“ во земјава, цената на лековите и можноста за едукација на кадри.
Министерот за здравство на Република Македонија, д-р Венко Филипче, изрази голема поддршка и најави блиска соработка со Министерството за здравство на Република Косово.
Исто така беше истакнато и дека заедничката соработка меѓу двете земји ќе биде и голем сигнал за Европската Унија која ќе го гледа напредокот во градењето на мостови и одлични билатерални односи меѓу двете земји.
Официјалната средба продолжи со посета на Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија, Универзитетска клиника за неврохирургија и Универзитетска клиника за детски болести. Косовската делегација имаше прилика одблиску да го види функционирањето и организираноста на македонскиот здравствен систем.
Денешната посета беше добар старт за соработка меѓу двете министерства за здравство кое ќе продолжи и во иднина.