УСПЕШНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ ПЕРИМАК И СОРАБОТКАТА СО ШТЕРНШТУНДЕН, ВО ПАРТНЕРСТВО НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО И ПРОЕКТ ХОПЕ СО ЦЕЛ НАМАЛУВАЊЕ НА ПЕРИНАТАЛНАТА СМРТНОСТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска присуствуваше на настан со цел одбележување на успешната реализација на проектот ПериМак и соработката со ШтернШтунден, кој е отпочнат во 2016 година како партнерство помеѓу Министерството за здравство и Проект ХОПЕ, со цел намалување на перинатална смртност во Република Северна Македонија.

„Проектот во првата фаза од имплементацијата ги опфати Универзитетската клиника за детски болести – Интензивна нега и Специјалната болница за гинекологија и акушерство Мајка Тереза Чаир, и во рамки на проектот  се започна со подобрување на условите, капацитетите и експертизата во Специјалната болница за гинекологија и акушерство Мајка Тереза Чаир и на Универзитетската клиника за детски болести-оддел за интензивна нега, со цел создавање „Perinatal Centres of Excellence“, истакна министерот Филипче.

Од почетокот на проектот до денеска во двете институции се донирани медицинска опрема, медицински потрошен материјал и лекови во вкупна вреднос од повеќе од 1,3 милиони американски долари.

Опремата во Специјалната болница по гинекологија и акушерство – Чаир опфаќа родилни кревети, ехо апарати, монитори за пациенти, цтг-а, инфузиони пумпи и перфузори, вормери, лампи за намалување на билирубин, апарат за скрининг на слух, апарат за неинвазивна проверка на билирубин, блендери, Bubble c-pap и за првпат во регионот, интелигентен систем за централен фетален мониторинг кој не само што овозможува следење на виталните параметри на бебињата и мајките, туку и овозможува алармирање при компликации и снимање на податоците од мониторингот.

На Клиниката за детски болести донирани се ехо апарат, дигитален мобилен рентген апарат, монитори за неонатални пациент со дополнителни можности за следење на параметри кои до сега не беа користени на клиниката, медицински потрошни материјали за повеќе од една година и комплетно нов копресорски систем за целата болница.

Исто така, во соработка со ХОПЕ се обезбедени и стандардни пакети на опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Куманово, во вкупна вредност над 200 илјади долари.

Дополнително на донациите, во рамки на проектот организирани се повеќе обуки во сите области на перинатологија не само за вработени од овие две институции туку и за медицински персонал од целата држава со експерти од Универзитетската болница во Амстердам, но и обуки за наши лекари и сестри во Клиниките во Амстердам и Бон. Паралелно со овие активности, во тек е и едногодишна on-line обука за доктори од цела држава за CTG-скрининг на Кралскиот колеџ за гинекологија и акушерство на Велика Британија. Токму ова е една од причините со која се намали и смртноста кај предвреме родените бебиња на Клиниката за детски болести.

 

Министерот доц. д-р Филипче се заблагодари на организациите Проект ХОУП и ШтернШтунден за плодната соработка,  која Министерството за здравство заеднички ќе ја развива и негува и во иднина.

 

 

Сподели на:

Related Posts