Министерот за здравство д-р Венко Филипче имаше состанок со директорите на Зравствените домови од цела држава, каде се дискутираше за вакцинацијата против Ковид-19. Организирањето и спроведувањето на процесот на вакцинација против Ковид-19 е од особена важност и вклучува повеќе чинители во државата, посочи Филипче.
-За вакцинација на граѓаните ќе се користат постојните вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира. Секој здравствен дом треба да достави извештај по направен увид во човечки капацитети со кои располага како и задолжителна проверка на техничките капацитети и нивната функционалност. Исто така, секој ЗД треба да назначи одговорно лице за координација и организација на Ковид-19 вакцинацијата, рече Филипче.
Здравствените домови ќе добијат прашалник каде ќе треба детално да го наведат бројот на кадарот за вакцинација, нивната обученост бројот на вакцинални пунктови, во колку смени работат во работни денови и викенди, како и колку од персоналот учествувал во обуки за одржување „студен синџир“, истакна професор д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација. Во стручна видеопрезентација професор Грозданова пред директорите на ЗД образложи повеќе клучни сегменти за процесот на вакцинација, чување и дистрибуција на вакцината, начинот на апликација, процесот на вакцинирање, како ќе се закажува вакцинација преку системот МојТермин.
-Се поставува посебен модул на Ковид-19 вакцина, идентичен како тој што сега се користи за други вакцини. За нашите колеги во вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, сепак бидејќи е нова вакцина ќе се организиара едукативен тренинг, рече проф. д-р Грозданова.
На директорите на здравствените домови им беше посочено дека почетокот на вакцинацијата нема да значи веднаш намалување на ризикот од Ковид-19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените домови. Ризичните групи, со голем ризик за Ковид-19 ќе бидат приоритетно вакцинарани и за нив вакцинацијата е високопрепорачана, но не задолжителна. Вакцинацијата за Ковид-19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинара.