Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции

Член 1

                Во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции („Службен весник на Република Макеоднија“ бр.103/08, 124/10, 164/13 и 149/15) во член 3 по точката 30 се додаваат три нови точки 31, 32 и 33, кои гласат:

31. „Коноп“ се сите надземни свежи или суви делови на растението, освен семето од различни видови на растението канабис (cannabis sativa, cannabis indica и cannabis ruderalis).

32. „Масло од конопово семе“ е масно масло, рафинирано или не, добиено со ладно цедење или некој друг вид на екстракција од семки на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и во себе не содржи повеќе од 10 mg/kg на тетрахридроканабинол (THC). Неговата примарна примена е во козметички и хигиенски производи, лубриканти, бои или како храна.

33. „Масло од Cannabis/коноп“ е течен смолест екстракт добиен со екстрахирање на олеорезината од надземните делови (без семето) на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и има висока содржина на канабиноидни компоненти, особено на тетрахридроканабинол (THC). “

Член 2

                Во членот 6 став 2 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите: „Министерството за здравство“.

Член 3

                Во членот 14 по зборот „афион“ се додаваат зборовите: „и/или коноп“ и зборот„афионот“ се додаваат зборовите: „и/или конопот“.

Точката на крајот на реченицата се брише и се додаваат зборовите: „и/или конопот.“

Член 4

                Во членот 22 став 7 зборот „Националната“ се брише, а зборовите: „министерот за здравство“ се заменуваат со зборовите: „директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 5

                Во членот 24 став 2 по зборот „афион“ се додаваат зборовите: „и/или коноп“.

По ставот 2 се додава нов став 3, кој гласи:

„По исклучок од ставот 1 на овој член дозволено е производство, промет, поседување и употреба на канабис, канабис смола, екстракт и тинктура на канабис за намени и под услови утврдени со овој закон.“

Член 6

                Во членот 28 став 1 по зборот „афион“ се додаваат зборовите: „и/или коноп“.

Член 7

                Во членот 29 став 5 по зборот „водостопанство“ се додаваат зборовите: „во согласност со министерот за здравство“.

Член 8

                По  членот 29 се додаваат седум нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г, 29-д, 29-ѓ и 29-е, кои гласат:

„Член 29-а

Одгледување на коноп кој е наменет за производство на опојна дрога

Дозволено е одгледување на коноп во медицински и/или научни цели.

Одгледување на коноп е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Член 29-б

Правното лице од член 29-а став 2 од овој правилник е должно да ги исполнува следните услови:

  • да има обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот, односно преработувачкиот капацитет на правното лице за одгледување на коноп,
  • просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, со бринов елемент пред оградата во котури во три реда и бодликава жица над оградата, како и да има обезбеден 24 часовен видео надзор над целиот простор,
  • да има 24 часа физичко обезбедување,
  • вработено најмалку четири лица од кои најмалку едно лице дипл. фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице агроном – насока полјоделство со најмалку три години работно исксутво во областа.

Подносителот на барањето до Министерството за здравство поднесува барање за добивање одобрение за одгледување на коноп кое содржи:

  1. Основни податоци за подносителот на барањето (назив на правното лице, седиште, седиште на локацијата на просторот/површината каде што ќе се одгледува конопот),
  2. Доказ за запишување на правното лице во Централниот регистар на Република Македонија,
  3. Доказ за сопственост на просторот/површината на кој/а се одгледува конопот или договор за закуп или имотен лист како,
  4. Податоци за одговорното лице во постапката за добивање одобрение за одгледување на коноп (име и презиме, стручна подготовка, телефон),
  5. Доказ за платена административна такса и платени надоместоци.

Документацијата од став 2 на овој член се доставува во оригинал, односно фотокопија заверена на нотар.

Исполнувањето на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за добивање на одобрение за одгледување на коноп го оценува посебна комисија формирана од министерот за здравство, составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија.

Одобрението за одгледување на коноп го издава Министерството за здравство во рок од 30 дена од денот на добиената согласност од Владата на Република Македонија.

Министерот за здравство на предлог на директорот на Агенцијата за лекови, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија, ги пропишува поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува конопот.

Комисијата од ставот 4 на овој член ги врши следните работи:

  • ги разгледува барањата за исполнување на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за издавање на одобрение за одгледување на коноп и му дава предлог на Министерството за здравство за издавање одобррение за одгледување на коноп;
  • го одобрува елаборатотот/планот за одгледување на коноп;
  • во периодот од сеење до берба на конопот, врши најмалку два пати контрола над одгледувањето на конопот;
  • врши увид во извршената берба на конопот заради утврдување на собраните стебла;
  • врши проценка на документацијата и евиденција на целокупниот процес на одгледување на конопот.

Член 29-в

                Правното лице кое има одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, пред започнување со садење должно е да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за добивање одобрение за сеење на коноп.

Кон барањето од ставот 1 на овој член се поднесува:

  • Одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство (фотокопија заверена на нотар);
  • Документ за сертифициран семенски материјал;
  • Елаборат/план за одгледување на коноп кој содржи податоци за начинот на одгледување на коноп, количество (број на семки, расад, стебла, влажна и сува маса на принос).

Одобрението за сеење на коноп го издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 15 дена од денот на приемот на комплетното барање.

Правното лице по добивање на одобрението за сеење на коноп (во натамошниот текст: одгледувач на коноп) од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, должно е пред започнување со сеење/садење на семето од коноп да го извести Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства и Комисијата од член 29–б став 4 од овој правилник за започнување со сеење/садење.

Комисијата од член 29–б став 4 од овој правилник, во периодот од сеење до берба на конопот, најмалку два пати ќе изврши контрола над одгледувањето на конопот.

Член 29-г

Одгледувачот на коноп е должен да води евиденција на одгледуваниот коноп (сеење, производство на расад, пресадување, број на стебла).

Одгледувачот на коноп е должен да ги евидентира и пријави до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на конопот претходно планирани во елаборатот од член 29-в став 2 точка 3) на овој правилник.

Член 29-д

Одгледувачот на коноп пред отпочнување со берба должен е да го извести Министерството за здравство за денот на отпочнувањето на бербата на коноп.

По завршувањето на бербата на конопот од страна на Комисијата од член 29–б став 4 од овој правилник се врши увид за извршената берба заради утврдување на бројот на собраните стебла и влажна маса.

Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата за сите фази на одгледување на конопот го пропишува министерот за здравство.

Член 29-ѓ

По завршената берба, собраното растение/коноп се суши во посебен наменски уреден простор, со големина во зависност од количестовото на одгледан коноп, сместен на истата локација каде што се одгледува конопот.

Одгледувачот на коноп должен е исушеното растение/коноп да го спакува во картонска кутија и да го запечати со сигурносна лента за запечатување.

Картонската кутија со исушеното растение/коноп задолжително е означена со следните податоци: назив и седиште на правното лице (одгледувач/производител), година на производство, име на суровина, нето и бруто сува маса, форма (лист, цвет, растение, цело, сечкано) и датум на пакување.

Одгледувачот на коноп поднесува извештај до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за лекови и медицински средства за завршениот процес на одгледување и добиената вкупна сува маса.

Член 29-е

Конопот одгледан во Република Македонија може да се обработува само во Република Македонија исклучиво од правно лице кое има одобрение за производство на екстракти од коноп.

Пренос на коноп до местото на обработка го врши одгледувачот на коноп во придружба на Министерството за внатрешни работи, на трошок на производителот.“

Член 9

                Во член 30 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Министерот за здравство ја пропишува содржината на барањето, документацијата и поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот за добивање на одобрение за производство на екстракти од коноп.“

Член 10

                Во членот 32 став 5 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 11

                Во членот 35 став 2 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство“.

Член 12

                Во членот 36 ставови 1 и 2 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство“.

Член 13

                Во членот 38 став 1 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Во ставот 3 зборот „шест“ се заменува со зборот „три“.

Член 14

                Во членот 40 став 5 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 15

                Во член 41 по ставот 2 се додава нов став 3, кој гласи:

„Лекови кои содржат ТХЦ, дронабинол или набилон се препишуваат од страна на избраниот лекар (доктор на медицина, специјалист по општа медицина, специјалист по семејна медицина, специјалист по педијатрија) по препорака од специјалист по: неврологија, онкологија и радиотерапија и инфективни болести кој е вработен во јавна здравствена установа која врши болничка здравствена дејност.“

Ставот 3 станува став 4.

Член 16

                Во членот 43 ставови 1 и 2 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 17

                Во член 47 став 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 18

                Во член 49 став 1 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Во ставот 3 зборовите: „Министерството за здравство“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 19

                Во член 52 ставови 3 и 4 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства и Министерството за здравство“.

Во ставот 5 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите: „Носителот на“.

Член 20

                Во членот 54 ставови 2 и 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 21

                Во членот  58 ставови 2 и 3 алинеја 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства и Министерството за здравство“.

Член 22

                Во членот 61 алинеја 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 23

                Во членот 64 ставови 1, 2 и 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство“.

По ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

„Министерството за здравство доставува примерок од издаденото одобрение за увоз на опојни дроги со годишните количини на супстанции и препарати (опојни дроги и психотропни супстанции) до Агенцијата за лекови и медицински средства.“

Во ставот 4 кој станува став 5 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство “.

Член 24

                Во членот 65 став 3 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 25

                Во членот 67 став 1 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Во ставот 4 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 26

Во членот 68 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Член 27

Членот 74  се  менува и гласи:

„Забрането е, освен за потребите на пропишаното лекување, да се изложуваат на опасност други лица на дејствување на опојна дрога.“

Член 28

                Во членот 80 став 5 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства“.

Во ставот 7 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Министерството за здравство“.

Член 29

                Во членот 81 став 2 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства и Министерството за здравство “.

Член 30

                Во членот 85 став 1 зборовите: „Бирото за лекови“ се заменуваат со зборовите:  „Агенцијата за лекови и медицински средства “.

Во ставот 2 по зборот „афион“ се додаваат зборовите: „и/или коноп“ и по зборот „слама“ се додава зборот: „и/или коноп“.

Член 31

                Во член 92 став 1 во точката 11) по зборот „афион“ се додаваат зборовите: „и/или коноп“ .

Член 32

По Главата XII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ се додава нова Глава XII-а. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ и три нови члена  95-в, 95-г и 95-д, кои гласат:

 

„ XII-а. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Член 95-в

Правното лице кое одгледува коноп за намена и под услови спротивни со одредбите на овој закон, не води евиденција на одгледуваниот коноп, не ги евидентира и не ги пријави настанатите промени и отстапувања во одгледувањето на конопот претходно планирани во елаборатот од член 29-в став 2 точка 3) од овој закон, не го извести Министерството за здравство за денот на отпочнувањето со бербата на коноп, исушеното растение/коноп не го спакува во картонска кутија и не го запечати со сигурносна лента за запечатување, не поднесе извештај до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за лекови и медицински средства за завршениот процес на одгледување и добиената вкупна сува маса ќе се казни со парична казна.

Одговорното лице кај правното лице, за кривичното дело од  ставот 1 на овој член, ќе одговара и ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Член 95-г

Дипломиран фармацевт, агроном, вработено лице во правно лице кое одгледува коноп, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба ќе се казни со казна затвор од една година до пет години.

Ако делото од став 1 на овој член го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници или организирал дејствие од ставот (1) на овој член, сторителот ќе се казни со затвор од три до десет години.

Семето, расадот и листот од коноп ќе се одземат.

Лицето, со исклучок на организаторот, кој ќе го открие делото или ќе придонесе за неговото откривање, ќе се ослободи од казна.

Член 95-д

Лицето што ќе бара, нуди или земе пари или друга материјална корист како паричен надоместок за изнесување, пренесување на семе, расад, лист од коноп, ќе се казни со казна затвор од три до десет години.

Обидот  од ставот 1 е казнив.

Парите или другата материјална корист побарана или земена, понудена или дадена како паричен надоместок или друга корист, ќе се одземат.“

Член 33

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Превземете го документот за принтање, овде.

Share This Article :

Related Posts

Остави коментар