Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во врска со детектираниот британски сој на вирусот во нашата земја, истакна дека ова беше очекувано и практично беше невозможно да не се случи, со оглед на тоа што во повеќе земји во Европа и во регионот овој сој на вирусот веќе е присутен.
-Ова е карактеристика на овој тип на РНК вируси многу брзо да се адаптираат. Впрочем тоа што и досега имаме 20 веќе изолирани соја со различна фрекфенција ни укажува на тоа кога има некаква пречка во трансмисијата, а пречка се нашите превентивни мерки – тогаш вирусот се адаптира. И тоа се случува насекаде во светот. Разговарав со претставници на лабораторијата, типично како што се опишани во литература сите промени во т.н британски вирус, така е идентификуван во конкретниот случај. Пред 10-тина дена е направена дијагнозата, а сега е направено секвенционирање на геномот кој укажал дека ја има таа мутација, вели Филипче и нагласи дека оваа мутација на вирусот не можела да се избегне и веројатно ќе се случи во сите земји во светот.
Според публикациите во Велика Британија, оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70% проценти, но истакна дека нема простор за паника.
-Нема простор за паника, остануваме внимателни. Ние и сега имаме превентивни мерки кои очигледно дадоа резултат. Точно е дека оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70% проценти, според публикациите во Велика Британија. Исто така, тоа што е познато од литературата е дека типот, формата на болеста е полесна од она што беше претходно. Но, превентивните мерки мора да се почитуваат. Очигледно е дека носењето маски, држењето на дистанца навистина станува клучно, посебно со оваа форма на мутација на вирусот. Ние будно ја следиме епидемиолошката ситуација. Засега нема да препорачаме друг тип или дополнителни превентивни мерки, но следиме каква ќе биде состојбата, изјави Филипче и потенцираше дека доколку ескалира ситуацијата здравствениот систем е подготвен и поставен, а во кој било момент испразнетите одделенија може повторно да станат ковид центри.
-Штом е детектиран на едно место мутацијата веројатно дека ја има и на други места. Мутацијата не мора да е секогаш увезена од некои од земјите. Многу често мутација се случува и во секоја една од земјите, самиот вирус има тенденција да мутира заради тоа што го бара патот за трансмисија, а се соочува со можеби во некоја мини средина и со некаква форма на имунитет. Во таа смисла, не е чудо мутацијата да е од едно одредено подрачје. Не мора да имал човекот контакт или да патувал за да се случи мутација на вирусот. Впрочем, веќе констатираните мутации кај нас 20тина соја кои се детектирани воопшто не се увозни, туку се практично мутации кои потекнуваат од тука и се наши автентични, појасни Филипче.