МОЕ ЗДРАВЈЕ – НОВА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЛЕСЕН ПРИСТАП И УВИД ДО ЛИЧНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ ПОДАТОЦИ

Министерството за здравство ја презентираше најновата мобилна апликација со која граѓаните ќе имаат можност во секое време да пристапат до личните здравствени картони

Согласно политиките и заложбите за осовременување на здравствениот сектор преку дигитализација, Министерството за здравство ја презентираше новата мобилна апликација „Мое здравје“, која им овозможува на сите граѓани да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци.

Апликацијата вклучува интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи, упатите за специјалистички прегледи, вакцините и сертификатите за вакцинација и многу повеќе информации во форма на лично здравствено досие. Во рамки на ова дигитално решение се овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен. На ваков начин, секој граѓанин има можност за директен увид во податоците поврзани со личното здравје.

-Како министерство работиме и ги следиме современите текови и трендови во доменот на достапност на лични податоци поврзани со здравствените досиеја на граѓаните од нашата држава. Со ваков пристап се зголемува нивото на транспарентност и достапност до личните податоци поврзани со здравјето, како за медицинските лице, така и за пациентите, изјави д-р Фатмир Меџити, министер за здравство.

Платформата ја презентираше Жаклина Чагороска од националниот електронски систем.

-Како надградба на постојната дигитална платформа Мој термин, изработивме модул со кој граѓаните ќе имаат можност да бидат во тек и да имаат постојан увид во личните здравствени досиеја. Во рамки на апликацијата, секој корисник ќе има можност да пристапи до широк опсег лични здравствени податоци и на таков начин да има максимален увид во сопственото здравствено досие.

Апликацијата „Мое здравје“ е бесплатна за преземање од сите заинтересирани полнолетни граѓани во земјава и достапна е за Android или iOS оперативни системи.

За преземање на апликацијата: [Google Play Store] / [Apple App Store]

Сподели на:

Related Posts