РАБОТИЛНИЦА НА МЗ И СЗО ЗА ИНИЦИРАЊЕ МУЛТИСЕКТОРСКА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА АКЦИСКИОТ ПЛАН ЗА НЕЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

Во организација на Министерство за здравство и Светската здравствена организација денеска во Скопје се одржува дводневна работилница за иницирање и имплементација на Акциски план за незаразни болести.

Работилницата има за цел да иницира мултисекторска имплементација на Акцискиот план за незаразни болести, како и детално планирање на активностите за периодот 2019-2020 година, во која претставниците на институциите од различни секотори, покрај здравствениот, ќе имаат своја улога во имплементација на овој план.

– Незаразните болести, како што се кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, дијабетесот и хроничните респираторни болести се најголемите закани по нашето здравје, кои штетно делуваат и врз општествениот и економскиот развој на локалните заедници, како и врз општеството како целина. Во таа насока, Владата и Министерството за здравство се посветени и фокусирани на борбата со ризик факторите за појава на незаразните болести, доминантни меѓу нив се исхраната, физичката неактивност, пушењето и алкохолот, посочи министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на денешното отворање на работилницата.

Тој изрази посебна благодарност до тимот на СЗО, предводен од директорот на Канцеларијата на Светската здравствена организација за незаразни болести со седиште во Москва, д-р Жоао Бреда и шефот на Канцеларијата на СЗО во Република Македонија, д-р Жихане Тавила, за нивното присуство и поддршката која ни ја даваат.

Инаку, податоците од истражувањата покажуваат дека кај нашето население пушењето и консумирањето на алкохол сè уште се сериозен ризик за предвремена појава на незаразни болести. Исто така, нездравата исхрана и недоволната физичка активност имаат големо влијание врз зголемувањето на нашата телесна тежина и појава на дебелина. Ова е особено важно да се спречи кај децата, затоа што навиките и телесната тежина стекната во детството многу е веројатно да се пренесе во подоцнежниот живот како возрасен и со тоа да придонесе за предвремена појава наодредени незаразни болести, како кардиоваскуларните и дијабетесот.

За таа цел, Владата на Република Македонија продолжува да ја поддржува Иницијативата на СЗО Европа за следење на дебелината кај децата во нашата држава преку Националната годишна програма за јавно здравје. Досега, спроведени се два круга, следниот круг на собирање податоци треба да се случи пролетта 2019 година.

Сподели на:

Related Posts