Министерството за здравство информира дека во текот на денешниот ден, по одржувањето на последната конференција за медиуми, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје на корона вирус се тестирани тројца пациенти. Резултатите на тројцата патници се негативни на корона вирусот. Станува збор за македонски државјани од кои двајца допатувани од Италија и еден од Шпанија.
Првата и единствена пациентка со корона вирус хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, неколку дена е без температура и полека влегува во постабилна фаза од болеста. Исто така, нема нови пациенти коишто во овој момент се тестираат за корона вирусот.
Денеска, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и Министерот за здравство Доц. Д-р. Венко Филипче го посетија граничниот премин Табановце, нафреквентен граничен премин на којшто доаѓаат патници од регионот на Северна Италија.
Оттука, министерот Филипче информираше дека сите припадници на Министерството за внатрешни работи и царинската служба одлично се справуваат со ситуацијата и целосно се почитува утврдениот алгоритам за контрола на патниците.
Премиерот Спасовски и министерот Филипче упатија апел до сите оние кои патуваат или ќе допатуваат во нашата земја, точно да одговараат на прашалникот, бидејќи на тој начин го штитат сопственото и колективното здравје на граѓаните.