За две години на Универизитетската клиника за детска хирургија во Скопје се направени 160 комплексни операции кај новороденчиња и бебиња со тешки вродени аномалии. Најмалиот пацинет опериран на клиниката има само 1.300 грама.
Овие операции се во рамки на проектот на Министерството за здравство за соработка на Клиниката за детска хирургија во Скопје и Универзитетската болница за детска хирургија „Пиргов” од Бугарија.
Проектот почна пред две години и овозможи едукација и на нашите детски хирурзи и воведување нови методи на хируршки интервенции. Претходно многу често се случуваше тешки случаи на аномалии кај мали пациенти, да се упатуваат за операција во странство. Денес овие операции се прават успешно на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Во рамки на последната работна посета, министерот за здравство д-р Венко Филипче на Клиника за детска хирургија во Скопје се сретна со проф. д-р Цветко Георгиев и доц. д-р Христо Шивачев, двајцата од Универзитетската болница за детска хирургија „Пиргов”, кои последните две години со тим на наши детски хирурзи оперираат применувајќи нови методи од областа на торакална детска хирургија кај бебиња со тешки вродени неонатални аномалии.
На средбата на која беа споделувани искуства за работата, присуствуваа дректорот на Клиниката за детската хирургија, д-р Лазар Тодоровиќ и детскиот хирург д-р Јетмир Зибери, кој го предводи нашиот тим хирурзи кој оперираат тешки вродени аномалии кај бебиња.
Во рамките на заемната соработка, освен двајцата хирурзи од Бугарија кои доаѓаат и оперираат заедно со хирурзи од скопската клиника, лекари од Детска хирургија, заминуваат на обука и едукација во клиниката „Пирогов“ во Бугарија.