Доктор Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија потенцира дека примарната превенција од ракот на грлото на матката е вакцинација со ХПВ вакцина.
-Постојат неколку типа на ХПВ вакцини, двовалентна, четиривалентна и деветовалентна. Секундарна превенција претставува скрининг за цервикален карцином. Скринингот се спроведува со правење на ПАП тест и/или ХПВ типизација, во зависност од скрининг програмата и политиката на земјата во која се изведува. Главен причинител за настанување на ракот на грлото на матката е инфекција со ХПВ. Ризик фактори за настанување на ракот се, покрај ХПВ инфекцијата и: пушење цигари, менување на повеќе сексуални партнери, рано стапување во сексуални односи и мултипни породувања. При констатирање на инфекцијата, пациентките треба да преземат неколку чекори со кои можат да ја подобрат својата здравствена состојба: подобрување на имунолошкиот одговор, користење на презерватив и редовни цитолошки контроли и почитување на советите од гинекологот, вели д-р Димитров.
Министерството за здравство, во 2019 година го осовремени Календарот за имунизација и обезбеди четиривалентна ХПВ вакцина. Оваа вакцина штити од четири типови на хуман папилома вирус и ја замени дотогаш користената двовалентна вакцина.
По повод одбележување на јануари како месец посветен на борба против ракот на грлото, информираме дека се намалува бројот на жени со тешка форма на рак на грло, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином.
Ова се должи на здравствените политики кои ги имплементира Министерството за здравство за рано и навремено откривање на ова заболување, со што се придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување.